СОБА И ОДАЈА

ivce1Беше одамна, во времето на СФРЈ. Во „Јазичното катче“ што го уредуваше Благоја Корубин, во весникот „Нова Македонија“, пристигнаа реакции од некои наши иселеници.  Ги сретнале тие во некој наш весник зборовите СОБА и ПРЕТСОБЈЕ. Сметаат дека тие биле српски и дека треба да се вели ОДАЈА и ОДАЈЧЕ за зимница. Пред некој ден ја препрочитувавме драмата од Чехов – “Три сестри”. Преведувачката, во целиот текст ја употребува именката ОДАЈА, мислејќи, веројатно, дека на македонски треба токму така. Меѓу другото, преводот е мошне лош, но сега ќе го оставиме тоа.

Се присеќаваме на одговорот од Благоја Корубин што им го даде на нашите иселеници. И именката СОБА, а и ОДАЈАТА имаат турско потекло. Зошто се прифатиле овие зборови вака или така? Некогаш, кога почнале да се градат куќи, тие биле само куќи, без други простории. Потоа се оградила една просторија која била подотерана и служела за гости. Па и до скоро време, одаите служеа за гости. Точно е дека кај нас таа просторија е наречена ОДАЈА. Во српскиот јазик наместо ОДАЈА навлегол зборот СОБА. СОБА, на турски значи печка, односно, “просторија, стаја, одаја со печка”. Во некои наши говори овој збор е примен само со значењето на ПЕЧКА, просторијата не ја зеле предвид. На пример, колку што ни е познато, во Битола печката (онаа на дрва) ја викаат СОБА. А во српскиот јазик печката не ја зеле превдив, но зборот го прифатиле само со значењето на ОДАЈА (соба). Значи, таа нова просторија во некогашните куќи Србите ја прифатиле како СОБА, а ние како ОДАЈА. Во поново време, под влијание на српскиот јазик, многу пожива употреба и кај нас добива зборот СОБА. Одајата остана само во песните – “Се запали пиле Трено одајчето” и други. Еден од читателите, од нашите иселеници, вели дека зборот СОБА бил грчки. Можеби го зеле од турскиот јазик, имајќи ја предвид само печката изоставајќи ги зборовите одаја и стаја.

Но, така е тоа во сите јазици. Се менува лексиката. Едни зборови застаруваат, други се раѓаат и се развиваат. Ќе го цитираме Корубин: “Нашата некогашна убава одаја се повеќе ни се губи од видот и од споменот, ја заборавивме со нејзините миндери, столови и килими”. Точно е тоа. Во денешниве куќи имаме некакви поинакви одаи кои ги викаме соби и тоа е веќе сосема природно и влезено е како норма. Се појавуваат дури и со поинакво значење: соба за спиење (спална), работна соба, дневна соба, приемна соба и други. Дојде и зборот СОБАРИЦА, жена која ги уредува собите по хотелите. Но, тешко дека некој ќе рече ОДАЈАРКА наместо СОБАРИЦА. Ако веќе сме го зеле зборот СОБА тогаш имаме и ПРЕТСОБЈЕ, просторот пред собата, како што имаме подножје, подрачје, предворје. Не е тоа одајче за зимница, како што мисли нашиот иселеник. Да заклучиме. И СОБА и ОДАЈА имаат турско потекло. Така е тоа во јазикот. Во секој јазик се создаваат нови зборови, се позајмуваат туѓи, минуваат низ нашиот јазичен филтер и стануваат наши.                                                                                                          

Loading