ЖИВОТ ИСТКАЕН ОД СВИЛА

Порано во Прилеп се одгледувало свилена буба

Nekogas odgleduvala svilena buba - Danica Velkoska

Старите прилепчани порано негувале еден интересен „занает“ – одгледување свилена буба. Едно такво семејство од повеќето, било на Блага Переска. Тие одгледувале свила две години.

Даница Велкоска, ќерката на Блага, се сеќава дека педесеттите години имало околу 50-тина куќи на кои свилената буба им била живот. Некои подолго биле во „бизнисот“ а некои одгледувале покус период. Велкоска памети дека, семејствата Пајмаковци, Селчани, Благујновци, Плетварци, Паневци и други биле дел од традицијата за производството на свила од свилена буба во градот.

– Бубата беше раширена најмногу во Валандово. Оттаму го земавме семето. Мајка ми ги носеше кожурците дење-ноќе в пазува врзани во крпче. По шест недели тие се претвораа во мали црни гасеници. Додека беа мали, се сместуваа на маса во посебна прозрачна просторија со непроменета собна температура. Бубата ја храневме со листови од бела боболка – вели тетка Даница.

Затоа уште во Прилеп понекаде виреат боболки. Во бавчата на семејството Перески имало пет-шест дрвја за храна на свилената буба.

Sovremeno odgleduvanje

– На гасениците им носевме листови да се хранат два-трипати дневно, оти јадеа многу. Се слушаше грицкање, шум на јадење во просторијата. Подоцна, кога ќе потпораснеа, им носевме цели гранки од боболки и ги исправавме по ѕидовите. Некои беа високи до таван. Секоја од гасениците лазеше по дрвото и се оформуваше жолто-бел кожурец како кикирика – кажува Велкоска, која кога одгледувале буба имала 15 години.

Ако ги оставиш кожурците и не ги собереш, од нив се правеле ноќни пеперутки. Женката снесувала 400-600 ситни светли јајца и умирала. Семето се собирало за идната година. А кожурците биле колку гулабово јајце. Нитката била долга 300-350 метри.

– Кожурците се собираа во котле и вриеја. Со стапче полека се извлекуваа и се пробуваше дали е направена коприна. Потоа се вади едно крајче од коприната и полека се трга и почнува да се преди рачно. Се трга и се подсукува. Тоа се остава на чаршав да се исуши и се витка клопче, па се става на аршинче – се присеќава Велкоска.

Ако сакале муштериите свилата да биде бела (бидејќи некоја е жолтеникава) се пере. Колку повеќе се пере, толку повеќе обелува и свети. Постарите ткаеле чаршави од фините свилени влакна, покривки, плетеле милиња, везеле украсно на облеката да свети.

– Раневме буба не за продажба туку да го подготвиме рувото, плетениците. Некои и продаваа и веројатно живееја. Или им беше дополнителен приход во семејствата – вели Данче, додавајќи дека новото време носи нови занаети.

Таа жали за тоа време, иако животот не бил лесен.

Не одговара климата за свилена буба

Od gasenica do nitka - svilena buba i vo Prilep

– Занаетот е изумрен со индустријализацијата. Занаетчија – свилар од Прилеп во пишаните документи бил забележан во 1868 година. Според турски документи, во градот  имало шест свиларски дуќани во 1844 година. Не е забележано дали тие одгледувале свилена буба или само продавале. Одгледувањето е селски занает, за кој, кај нас, климата не одговара – кажува Петре Чагороски, етнолог од Заводот и Музеј од Прилеп.

Кралица на ткаенините

Свилената буба е нежно, но вредно животно, а свилата е кралица на ткаенините. Одгледувањето во светот има традиција над пет илјади години. Бубата има посебна течност која ја лачи и која во допир со воздух се претвора во нитки свила. Таа станала прво домашно милениче зависно од својот домаќин. Во Кина неа ја одгледувал сиромашниот селски свет.

Loading