Спортско моделарство: Пет дена Европско јуниорско првенство
– Медали во три категории
Спортскиот аеродром кај Мало Коњари е место каде што од вторникот до сабота се одржува Европското јуниорско првенство во спортско воздухопловно моделарство, во дисциплините; Ф1А (едрилици), Ф1Б (гуменици) и Ф1П (клипеници). Домаќинот на меѓународни натпреварувања, клубот ,,Фил феникс” со неуморниот директор Здравко Тодороски и Воздухопловната федерација на Македонија, вложија максимум за учесниците од 19 држави, како и на Светската воздухопловна федерација (ФАИ).
Во рекорден број – 134 – се пилотите и нивните придружници. Најбројни се репрезентациите на Германија и Полска со по 13 учесници, Русија има 12, а по 11 Бугарија и Франција. По деветмина бројат тимовите на Чешка и Израел, а по осум партиципираат Украина, Италија и домаќинот, Македонија.
Составот на Македонија го сочинуваат: Трајко Базерко, Митко Цветановски, Бојан Ангеловски, Александар Пацароски, Анастасија Пожарска, Александар Цветановски, Драган Цветановски и Петар Илиевски.
Златни, сребрени и бронзени медали се само за најдобрите во трите категории од Првенството.
Плус Светски куп
Домаќините успеаја покрај Европското јуниорско првенство, да го организираат и Светскиот куп во слободнолетечки модели. Насловот беше ,,Прилеп светски куп – трофеј на Прилеп”, а борбите за наградите беа дводневни, на 22 и 23 јули.