ПОДЕЛЕНИ НОВИ 1 350 КОРПИ ЗА СЛЕКЦИЈА НА ОТПАД

Zeleni i zolti korpi za otpad za   Varos

Комуналец распределува нови 1350 корпи за селекција на отпад  во Варош. Досега се поделени 15.500 корпи и или околу 65 отсто од домаќинствата во градов. Поставени се 1200 контејнери на 400 места на јавно прометни површини и пред станбените комплекси. За оваа намена се инвестирани околу 19 милиони денари. Со имплементацијата на проектот, Прилеп е лидер не само во Македонија, туку и на Балканот, кој успеа да ја примени примарната селекција.

– Примарна селекција на отпадот има обострано значење, како за граѓаните, така и за Комуналец. Го затвораме реонот на Варош и потоа ќе делиме корпи во Тризла. Се надеваме дека до Нова година, стоотсто ќе биде завршена примарната селекција, заедно со руралните средини. Ќе поделиме уште околу 7000 корпи во Тризла 1, Тризла 2 и населените места – вели Златко Ристески, директор на Комуналец.            

Корпите за отпад се со жолта и зелена боја. Во зелената канта се селектира биоразградливиот отпад, а во жолтата се одлага ПЕТ амбалажата, најлонот, хартијата, картон, стакло и целиот отпад од било кој амбалажен производ.

Од Комуналец велат дека иако ова е најевтин модел за имплементирање во инвестициониот дел, моделот на селекција е најтежок од организационен аспект. Заедно со граѓаните и стопанството, досега Комуналец покажа одлични резултати во примарното селектирање. Моделот со партиципација на сите инволвирани во управување на отпадот е во интерес на сите прилепчани.

– Ќе бидеме прва Општина во земјава која ќе ја заврши комплетно примарната селекција. Со поделбата на корпите ќе се олесни селекцијата во домаќинствата и работата на Комуналец. Тоа ќе овозможи подобрување на животната средина. Инаку, во тек е и изградбата на фабриката за секундарна селекција на отпад кај депонијата Алинци. Прилеп продолжува да биде предводник во третманот на отпад. Целиот проект за примарна и секундарна селекција на отпадот чини 19 милиони денари, средства од Комуналец. До крајот, проектот ќе чини околу 25 милиони денари – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Граѓаните се задоволни од селекција, бидејќи значително се заштитува животната средина.

– Со овие инвестиции нашата населба станува се поурбанизирана и ги добива сите потребни работи за селекција на отпадот. И досега го селектиравме отпадот, а сега со корпите ќе биде уште подобро и ќе се заштити животната средина – велат жителите од Варош кои ги добија новите корпи за отпад.

Паралелно, интензивно се гради фабриката за секундарна селекција на отпад лоцирана до депонијата Алинци. Линијата ќе биде со капацитет за преработка на 150 тони отпад за 24 часа. Во Прилеп, во просек се собираат околу 90 до 100 тони отпад дневно. Остатокот за потребите на линијата ќе се надополнуваат со селекција на отпадот од депонијата Алинци која ќе се преработува  да се изврши рекултивација на просторот. Се очекува за 5-6 години отпадот од депонијата да се преработи и просторот да се претвори во парк. Оваа инвестиција е вредна околу 60 милиони денари. Претходно Комуналец купи и приватно земјиште до депонијата, каде се гради оваа фабрика.

Комуналец најави градба на компостара со средства обезбедени од ИПА програмата од третата компонента за прекугранична соработка. Грантот за компостарата изнесува 10,7 милиони денари и опфаќа чистење, тампонирање, набивање на плато и набавка на машини за компостарата кај депонијата Алинци, веднаш до фабриката за секундарна селекција на отпадот.

Со проектите, Комуналец докажува дека со сопствени средства и со планирање на количества и инвестиции, може да се управува отпадот со најниска такса за ѓубретарина. Во иднина е планирано да се гради и регионална депонија во пелагонискиот плански регион, каде Комуналец со сите инвестиции, ќе депонира само мал процент на отпад, а со тоа ќе се избегнат и и повисоки такси за депонирање по тон.

Loading