ДРВЕНИ ГАЈБИ СО СИФОНИ

7. Sodata e osvezuvanje od pamtivek

Постарите прилепчани биле мераклии за газирана вода. Неколку мајстори на сифони располагале со примитивна техника за соединување на јаглен диоскид со вода и за производство на сода. Материјалот за создавање на вода што реже на грлото доаѓал од странство во големи метални шишиња. Преку машина се пуштала одредена доза гас и одредено количество вода, кои се интегрирале во стаклени шишиња со специјални чепови, со дршка за пуштање кои се викале сифони. Тие се ставале во дрвени гајби и се носеле по гостилниците или по куќите на чорбаџиите. Секој богат домаќин купувал празни шишиња да ги замени со полни кога содаџијата ќе минел со арабаџиската кола крај нивната порта, повикувајќи да се снабдат со водата што пријатно го дере грлото.

Содата се користела за создавање на напиток за освежување од неколку зрнца лимонтус и едно лажиче шеќер. Дел од бакалите продавале мали шишенца со екстракти, односно течности со вкусови, боја и арома на портокал и малина. Се ставало некоја капка во чашата, се додавал засладувачот и со содата се правеле домашни освежителни пијалаци кои режеле. Тие пријатно го разладувале организмот во летните горештини. Такви сокови се продавале и во меаните. Но, тие биле луксуз за обичниот свет кој главно ја гаснел жедта со чај. Некои од меанџии ги нудели сифоните за облагородување. Белото вино добивало вкус на денешните шприцери.

Loading