ШИРУМ ЗНАЧИ ШИРОКО

Blagoja Ivceski

Во последно време во нашиве медиуми многу зачестено се употребува зборот ШИРУМ, но со погрешно значење. Ќе се задржиме пошироко на тој збор. Со малку поширок коментар. Сакаме да потврдиме дека понекогаш и обичен човек, кој не е по професија лингвист, може да се спротивстави (да им најде грешка) и на такви луѓе. Прво, ќе го кажеме своето мислење, за кое се осмелуваме да тврдиме дека е точно. За тоа имаме повеќе аргументи, но најсигурен доказ е тврдењето на Блаже Конески. Значи, зборот ШИРУМ претставува прилог, а не предлог. За тој прилог ШИРУМ, се користи прашалниот збор КАКО! На пример, ќе прашаме КАКО е отворена вратата, а одговорот ќе гласи дека вратата е ШИРУМ отворена. Се потврдува како е отворена вратата, а не каде се наоѓа таа. ШИРУМ е прилог за начин (како што е СКОКУМ, НИЧКУМ, МОЛКУМ и слично), одговара на прашањето КАКО – КАКО е отворена вратата? А често, мошне често го слушаме тој збор со погрешно значење – ШИРУМ Македонија, ШИРУМ светот. А треба, НИЗ Македонија, НИЗ целиот свет а не ШИРУМ Македонија или ШИРУМ целиот свет.

Во почетокот рековме дека понекогаш и обичен човек, на кого не му е тоа професија, може да се спротивстави. Еве ќе го направиме тоа. Ќе ја одбележиме таа грешка во Речникот на Зозе Мургоски. Тој е редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Ете, и нему му се провлекла грешка. Тој во својот Речник одбележал дека зборот ШИРУМ значи ШИРОКО и дава пример – ,,Широко (ширум) отворена врата,,. Значи, ШИРУМ е прилог. Но, дал и друг пример: ,,Ширум земјата,, каде што зборот ШИРУМ претставува предлог. Грешка е тоа господин Мургоски. Зборот ШИРУМ не може да биде и прилог и предлог. Не може да означува и КАКО и КАДЕ!

Loading