УМ, ПЛЕЌИ И КОСТИМИ

„Избор на бизнис за 2016

Priznaija za biznismenite

Наскоро, во деветото лето, Зенит ја финишира манифестацијата „Избор на бизнис за 2016“.  Годинава ќе биде поскромна. Тоа не значи дека бизнис секторот е во апатија или во фаза на дезинвестирање. Можно  е со нескротлив бизнис дух и со натчовечки напори да се води компанија и да се крои иднината и во овие времиња. Затоа што жилавите бизнисмени доживеале периоди на покомплицирана атмосфера, па преживеале, изникнале од пепелта и се ревитализирале. Таквите, и сите други, Зенит ги поддржува и охрабрува со манифестацијата и признанијата. Ним им се става круна на залагањата за заокружување на календарската година. Им дава кислород за нов развоен пламен.        

Годинава, неделникот Зенит, акцентот го става на успешното работење на малите и средните компании. Тие не се локомотива, но се важни алки во бизнис синџирот на локалната економија. Поради големината, се кревки, но полни со елан и упорност. Затоа ним ќе им се оддаде почит што одолеале на неповолните ветришта, што успеале да се одржат во немирните бизнис води и што се движат напред. На некои им изгледа дека бизнисот е само врска, скап костим, џип и скапи патувања. Само навидум.

Малите фирми се главно семејни. Тие се деца на фамилиите. Се одгледуваат од пелени, од мали нозе, по 24 часовна работа, полна со неизвесност.  Затоа им е потребна поддршка, презентација, стимул не само од државата со субвенционирање, па од банките, а најмногу од еснафот, од комората. Како што се знае, една прачка лесно се крши, ама сноп од неколку стотини прачки никој не може да го преполови.

Зенит е тука да им даде крилја со промоција, со убедување дека претставувањето не е повик на инспекторите и нивно чепкање во потрагата по влакно во јајцето. Лебот се вади во бизнисот со медиумската изложба, со доближување до потенцијалните муштерии, партнерите, па и со воочување на државните служби за препознавање на макотрпниот бизнис пат за одржување и подем, па тие и да биле фирми со еден вработен.

Во секој случај Зенит претставуваше фирми со идеи и луѓе со претприемачки дух, кои ноќта ја правеле ден за егзистенција, за опстанок  на својата фирма и вработените како едно поголемо семејство. Поголем дел од бизнисмените внимателно ткаеле мали компании за респект. Ги водела непоколебливост од неуспех и соочувањето со проблемите, а со костец и изнаоѓањето на решенија. Во еволутивната бизнис патека доживеале падови и нагорнини.  Бидјќи економијата е безмилосна, сурова, не познава сентименти, туку само интерес Но, не се кревале раце, не се предавале на “првата кривина,,. Затоа успеал сонот да им биде јаве, да бидат свои на своето, а не да мечтаат да ,,нишаат врата за ситна плата,,. Верувале во себе си и уривале бедеми пред себе на патот кон прогресот. Ситните идеи се претвориле во профитни бизниси, обични домашни мајсторства се трансформирале во бизнис, туѓи неуспеси биле повод за плодна бизнис почва, наследени семејни алати станале почетен капитал за мала империја, од мала дарба сториле голем бизнис.           Тоа е бизнисот, од ништо да направиш нешто, наоружан само со верба и посветеност во сопствените раце, плеќи и глава.

Зенит продолжува да биде медиум на бизнис походите.

Loading