ЗА ДВЕ ГОДИНИ ПРИРОДЕН ГАС ДО ФАБРИКИТЕ И ДОМОВИТЕ

Во Тројачката котлина се гради на магистралниот гасовод Неготино – Прилеп – Битола

CIMG2310

Се интензивира изградбата на дел од магистралниот гасовод Неготино-Прилеп-Битола во Тројачката котлина. Гасоводот, чија првична изградба почна во јануари годинава, ќе биде долг 92 км., а инвестицијата е вредна 36 милиони евра. Природниот гас во Прилеп се очекува во 2019 година, можеби и порано. Од компанијата која ја води инвестицијата, Македонски енергетски ресурси, очекуваат уште позабрзана градба со подобрувањето на временските услови.

Во меѓувреме се очекува окончување на постапката за јавно приватно партнерство за секундарната мрежа околу Прилеп и за стопанските субјекти и терцијалниот гасовод до секој дом низ градот. Можно е паралелно да се изведуваат работите ако се најде инвеститор за стопанисување со западниот гасоводен крак и изградба на градските мрежи.

Gasovodna cevka za Prilep

Природниот гас е многу поевтин од ЛПГ и има повисока енергетска вредност.

На свеченото започнување на изградбата на делницата Неготино-Прилеп-Битола присуствуваше голем дел од бизнис секторот од Прилеп, претставници на локалната самоуправа и на компанијата Македонски енергетски ресурси (МЕР), која е задолжена од Владата за изградба на националниот гасоводен систем.          

Извршниот директор на МЕР, Крсте Миладинов, истакна дека досега во Македонија биле изградени дополнителни нови 115 км. нова гасоводна мрежа.

– Од почетокот на оваа година, освен овие 115 км. започна изградбата на дополнителни 205 км. гасводна мрежа. Тоа значи дека со завршување на четирите магистрални делници ќе се покрие преку 70 отсто од потрошувачката на природниот гас или околу 900 милиони кубни метри. Меѓу Прилеп и Кавадарци, на средината од овој потег, почна градбата на гасоводната магистрала Неготино – Прилеп – Битола – истакна Крсте Миладинов, извршен директор на МЕР.

Градоначалникот Марјан Ристески потенцира дека изградбата на гасоводот е капитален проект од кој огромен бенефит ќе имаат сите граѓани. Гасоводот треба да биде завршен во 2019 година.

Poln predok na gradot i ekonomijata so gas

– Ова е историски момент за Прилеп. Почна да се остварува сонот на многу генерации. Изградбата на гасоводот треба да заврши во 2019 година. А во втората половина од 2018 година се очекува да помине покрај Прилеп. Гасификацијата ќе го подобри квалитетот на живот, ќе се намалат трошоците за енергенси, гасот ќе влијае на подобрување на економијата во градот и заштитата на животната средина. Заедно со експресниот пат преку Плетвар, ќе се зголеми и конкурентноста за привлекување на домашни и странски инвеститори не само на Прилеп, туку и за целиот пелагониски регион – рече Ристески.

Компаниите ќе можат први да се приклучат на гасоводот. Тие ќе имаат најголема полза и заштеда на средства за енергија. Од регионалната стопанска комора рекоа дека имаат одлична соработка со Општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески, кога станува збор за развојот на стопанството.

Za dve godini gasot doma kako vodata

– Последниве десетина години стопанствениците имаат одлична соработка со градоначалникот. Донесовме доста заклучоци неопходни за развојот на стопанството, од кои морам да признаам дека веќе се реализирани преку 70 отсто дали преку одлуки на Владата или преку Министерствата. Предлог беше и гасификацијата на Прилеп, оти гасот е неопходен за стопанството од повеќе аспекти. Пред сé, поради заштеда на потрошувачката на горива, а и од аспект на еколошка заштита на околината. Колкави ќе бидат заштедите, ќе зависи од цената. Досега беше варијабилна. Со време ќе има приклучоци за гас не само од Русија, туку и од гасоводите преку Грција од Блискиот Исток.  Реални се можностите за намалување на цената. А со тоа и економските ефекти може да бидат и подобри од очекувањата – рече Симон Наумоски, претседател на бордот на директори на Витаминка.

Досега со клирингшкото побарување на Македонија од СССР се изгради гасоводот Клечовце – Штип во должина од 61 км. Се расчистија долговите на поранешниот СССР кон Македонија. Инвестицијата изнесува 60 милиони долари. Втор гасовод во понапредна фаза е делот од Штип -Неготино, во должина од 36 км. Изграден е веќе 65 отсто. Се очекува годинава Кавадарци да биде корисник на природен гас. Третиот магистрален гасовод е Скопје – Тетово – Гостивар каде се расчистени околу 15 км. од трасата. Четвртата магистрала е Неготино-Прилеп-Битола. Наскоро треба да почне изградбата и на дистрибутивниот систем до граѓаните.

Zastedi i konkurentnost za biznis sektorot

– За домаќинствата, Владата во февруари распиша оглас за јавно приватно партнерство за три региони, скопскиот, источниот и западниот. Огласот завршува во јуни. Потоа почнува изборот на компании кои ќе стопанисуваат со дистрибутивниот систем. Тој процес треба да заврши до крајот на годината, што значи наредната година може да се очекува и изградба на дистрибутивен систем. Тоа значи паралелно со изградбата на магистралниот гасовод, еве на пример до Прилеп, се очекува да започне и процесот на гасификација на Прилеп. Предвидени се трошоци за приклучок од 5.500 денари за стан од 80 метри квадратни. Тоа е за домаќинствата,  цената на гасот зависи од економската логика и интерес. Граѓанинот ќе може да избере што им е поефикасно и поевтино – рече Крсте Миладинов, извршен директор на МЕР.

Природниот гас е иднина во светската енергетска економија. 

Loading