КОЕ Е (КАКВО Е) ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ?!

ivce1Многупати сме слушале, но не сме обрнувале внимание. Слушаме кога новинарите ќе речат дека некој нешто рекол или ветил нешто, па потоа се ПРЕДОМИСЛИЛ. Во последно време тоа го слушаме многу често. Можеби таа честа употреба била и од поодамна, но не сме обрнале внимание. Неодамна, во една телевизиска емисија, новинарката зборува (критикува) дека извесен политичар кажал нешто, па потоа се ПРЕДОМИСЛИЛ. И повеќепати тоа му се случувало, кажувал нешто, веќавал нешто, па потоа се ПРЕДОМИСЛУВАЛ. Случајот не натера посериозно да размислиме за овој збор. Зошто неговата погрешна употреба е честа, а си поминува некако незабележано. Зошто не се вели дека односниот политичар се ПРЕМИСЛИЛ, а не се ПРЕДОМИСЛИЛ. Секако, тоа е невнимателно и непотребно позајмување од српскиот јазик. Србите би рекле “Предомислио сам се”, а во нашиот јазик тоа гласи: “Се премислив”. Имаме многу такви случаи. На пример : Ако некој ѕидар ѕидал ѕид. Ѕидот паднал и мајсторот го ПРЕЅИДАЛ (не предоѕидал). Ако некој шивач шиел панталони, тие не му се погодиле на муштеријата и шнајдерот ги ПРЕПРАВИЛ. Рековме, постојат многу такви случаи. Така е и со глаголот – СЕ ПРЕМИСЛИЛ, а не СЕ ПРЕДОМИСЛИЛ.

Еве една голема нелогичност. Директорот на ЖК Транспорт си поднесол оставка. Назначен бил ВД директор. Тоа си е во ред, но не е во ред онака како што го соопштува новинарката. Таа вели дека фирмата ЖК Транспорт добила НОВ ВД директор. Погрешно! Кога би бил назначен директор, ќе може да се рече дека е назначен НОВ директор. Значи имало стар директор и сега е назначен нов. А во случајов не е така. Едноставно треба да се каже дека фирмата добила ВД директор, а не НОВ ВД директор, бидејќи претходно немало друг па тој да е нов. Колку што се сеќаваме, вака бевме информирани од повеќе телевизии, односно грешката не била само на едно место. Накусо – фирмата ЖК Транспорт добила ВД директор, а не НОВ ВД директор.

Чудно е зошто нашата именка ЗАКАНА мошне често се заменува со српскиот збор ПРЕТЊА. Слушнавме од некоја телевизиска емисија дека извесен човек, поради некаква грешка, најверојатно ќе одел во затвор, односно ќе требало да издржува затворска казна. Ние бевме известени вака: “На обвинетиот му ПРЕТИ затворска казна од 10 години”. Зошто се прави оваа грешка? Зошто не се каже дека на обвинетиот му се ЗАКАНУВА затворска казна од 10 години? Глаголот (српски) мошне често го слушаме кај адвокатите, кај судиите и воопшто кај луѓето од таа област. Слушаме дека некој на некого му ПРЕТЕЛ со нож, на некого му ПРЕТЕЛА опасност за животот. Нашата именката гласи ЗАКАНА, глаголот е СЕ ЗАКАНУВА, а никако не ПРЕТЊА или ПРЕТИ.

Додека го пишуваме овој текст, на Радио Скопје се емитува емисија од областа на здравството. Гостин во емисијата – доктор, абдоменален хирург. Зборува докторот за симптомите на соодветна тешка болест. Новинарката се интересира за превентивните постапки и го прашува докторот: “Кој е вашиот совет”? Чудно е, од каде е таа навика прашањата да се поставуваат на ваков начин. Безброј пати сме слушале прашања: “Кој е вашиот став”?, “Кое е вашето мислење”? и многу, многу такви. Еве, да ја земеме реченицата – “Кое е вашето мислење”. Значи, некој го прашува некого за мислење од определена област. Тогаш, прашањето треба да гласи: “Какво е вашето мислење”? Значи човекот прашува какво мислење има неговиот соговорник. Ако прашањето гласи “Кое е вашето мислење”?, ќе се добие впечаток дека тука има напишано повеќе мислења, па соговорникот треба да каже кое е неговото. Грешка, многу честа. “Кој е вашиот став за овој проблем”? Слушнавме вакво прашање во дебатна емисија. Не! “Каков е вашиот став”, не “Кој е вашиот став”. А нашиве новинари, како да се имаат договорено. Сите ја употребуваат погрешната, нелогичната варијанта.

За крај, уште една грешка од дебатна емисија. Слушнавме заклучок: “Политичарот не ГАИ такви илузии”. Глаголот ГАИ го нема во нашиот јазик. Тоа значи ОДГЛЕДУВА. Во случајов, најдобро е да се каже дека политичарот нема такви илузии, а не дека не ГАИ такви илузии.                                                                                                                                             

Loading