ПРИЛЕПСКО УКРАИНСКИ СТРОЈНИК

Не дека нема во Македонија, или пак поблиску во регионот немажени девојки во години, но како да е традиција прилепските ергени во одминати години бараат невести од Украина. Придонес можеби е тоа што е некогашна  република на СССР. Едно време неженетите од прилепско “трчаа” за албански невести. Се женеа за пари. Време, слама продава. Сега е поинаку.

“Стројниклакот” се применува за оние мажи или жени кои не нашле партнер навреме. Така се нашол Павле Мојсоски, кој во Украина го знаат како Павел, родум од селото Веселчани. На Павлета му оди од рака “стројниклакот”. Го знаат многумина во Македонија, не помалку и во Украина. По неколкупати во годината заминува на да усреќи, повозрасни наши жители. Заедно со зетот што треба да се жени во Украина, патува во потрага по невести, рутински, повеќе од 15 години, уште пред пензионирањето од текстилната индустрија Билјана. И сега, иако таму се води војна и често се слушаат сирени за напади, со еден-двајца кандидати за женење, патува преку Софија, па за Пловдив, а оттаму за Русе со турски автобус. Преку Романија, стигнуваат во Украина.

– Бев женет со Украинка. Го владеам украинскиот јазик. Не е како рускиот. Поживеав таму. Сега, каде што одиме во Запорожје, Херсон, Луганск, посебно во селата, ме знаат како Павел. Си дојдов пред три дена. Не ми е мачно да им помагам на луѓето да се удоматои да создадат семејство. Сум носел и ергени и од битолско, неготинско, од каде не. Не им барам пари. Заедно патуваме и одиме во селата. Има многу жени. Мажите војуваат или се кријат да не ги мобилизираат. Додека носев двајца млади од прилепско и кога слеговме од автобусот во Черновски, пријде украинска војна полиција. Како стар ми го побараа пасошот. И на другото “момче”, во години. Им кажав за што сме дојдени. Повеќе време го држеа пасошот на помладиот кандидат за женење. Мислеа дека се нивни и сакаа да го соберат да се бори. Кога видоа дека е од Македонија, проверката заврши добро – вели Павле.

Пезионерот на 78 години не е непознат таму. Ги знае и улиците по име. Има пријателки, “подготвени “ за теренот. Се договараат со идни девојки кои сакаат да бидат македонски невести.

– На некои им се погодуваат жените, а некои бегаат. Не им се бендисува во нашите села, оти е потребна полска работа. Не земам пари за стројниклакот. По пат некој ќе плати сок или ручек – кажува Павле Мојсоски, кој во Украина се чувствува безбеден како во родното Веселчани.

За Украина, смета дека Русија, односно Путин нема да му попушти на Зеленски по никоја цена. Нема да му го отстапи големиот металски и индустриски град, Мариопол, на Азорското Море. Ќе му го даде на Трамп, ама не попушта.

К.Ристески

Loading