Конкретни резултати во сите сфери

Отчет на градоначалникот Дејан Проданоски по една година од мандатот

Изминатиот период за Општина Прилеп беше исполнет со конкретни активности и инвестиции насочени кон подобрување на условите за живот на граѓаните. Приоритет ми е резултатите од работата на локалната самоуправа да бидат видливи во секојдневието на прилепчани преку подобра инфраструктура, поквалитетно образование, почиста животна средина, поддршка за младите и поголема грижа за најранливите категории граѓани.

Општината располага со буџет за 2026 година од 2,5 милијарди  денари, што е зголемување за 444,7 милиони денари во однос на претходната година. Буџетските средства се насочуваат за потребите на граѓаните, одржувањето и унапредувањето на јавната инфраструктура, образованието, културата, спортот и социјалната заштита.

Се реализираа активности за подобрување на водоводната мрежа и уличната инфраструктура. На улицата “Кузман Јосифоски” се реконструира водоводната мрежа на околу 300 метри главна и 140 метри секундарна мрежа. Зафатот чини 5.9, милиони денари. Се рехабилитираа околу 300 метри од улицата.

Покрај завршените активности, продолжува работата на инфраструктурните проекти што се во тек. Цел ни е подобрување на условите во населените места, да се унапредува комуналната инфраструктура и да се одговара на реалните потреби на граѓаните. Кај проектите што уште се реализираат, работите продолжуваат според предвидените активности, а нивните резултати ќе бидат видливи по завршувањето.

Важен чекор за енергетска ефикасност и намалување на трошоците е поставувањето фотоволтаична централа во пречистителната станица за отпадни води. Централата е со капацитет од 540 киловати, а инвестицијата изнесува 10,1 милиони денари. Со вложувањата се создаваат услови за поефикасно користење на енергијата и одговорно управување со општинските ресурси.

Во комуналните услуги беа преземени активности за подобрување на условите на градскиот пазар со вложување од околу 400 илјади денари за санација и уредување на објектот. Се посветува особено внимание  на животната средина. Преку акцијата “Еко мисија” беа вклучени повеќе од 1.000 учесници за чистење и подигнување на јавната свест и за одговорен однос кон околината. Тоа е пример дека грижата за чист град е заедничка обврска на институциите и граѓаните.

Значајна инвестиција е фабриката за селекција на отпад од 90 милиони денари. Капацитетот í е 10 тони отпад на час. Капацитетот е важен за подобро селектирање на отпадот и за унапредување на комуналниот систем. Обезбедени 8.318 канти за отпад за домаќинствата од 120 литри, 126 контејнери, девет специјализирани возила за отпад, две метларки и една цистерна. Поставени се 48 контејнери за стакло, како и пункт за собирање електронски отпад и текстил.  Резултатите од селекција покажуваат дека расте свеста кај граѓаните. Општината Прилеп ја доби и наградата “Муниципал Цирцулар Леадерсхип Ањард 2026”, во конкуренција на 63 општини од Западен Балкан. Признание е доделено за активностите во циркуларната економија и управувањето со отпадот.

Образованието останува најважен приорите. Во училиштата се вложени повеќе од 40 милиони денари за подобрување на условите за учениците и наставниот кадар. Во ОУ “Рампо Левката” беше реконструирана фасадата со 5,3 милиони денари за намалување на потрошувачката на топлинска енергија за околу 45 проценти. Таму беше уреден и кошаркарски терен за 1,3 милиони денари. Имаше реновирања и во училиштата “Добре Јованоски” и “Климент Охридски”. Реконструирани се и спортските терени во училиштата “Кире Гаврилоски – Јане” и “Кочо Рацин” за 8,5 милиони денари. Во спортската сала на ОУ “Блаже Конески” се вложени повеќе од пет милиони денари.

Посебено внимание посветуваме на младите и нивниот труд. На манифестацијата “Амбасадори на знаењето” беа наградени 140 ученици. Младите се поттикнуваат да се надградуваат, да постигнуваат успеси и да придонесуваат за развојот на својата заедница.

Културата и спортот се важен дел од идентитето и животот на Прилеп. Организирани се бројни културни, спортски и забавни содржини, меѓу кои летните манифестации, “Пиво фест”, “Прочка” и одбележувањето на празникот “Свети Никола”. За одбележувањето на 85-годишнината од почетокот на народното востание беа организирани повеќе од 60 настани.

Културата се поддржува преку зголемувањето на средствата од четири на 12 милиони денари. За спортските клубови и здруженија се издвоени 14,5 милиони денари. Се создаваат подобри услови за развој на културниот живот, спортските активности и учеството на граѓаните во јавните настани.

Во населбата Типски се изгради ново детско игралиште за околу четири милиони денари. Беа реконструирани и спортски терени во Точила. По десетгодишна пауза, годинава се обнови градскиот дувачки оркестар. Во ЦК “Марко Цепенков” се уреди музичка просторија. Функционира и локалниот младински совет за поактивно учествуво во локалниот живот.

Се подобрува достапноста на општинските услуги. Преку услужниот центар на дофат на граѓаните се околу 350 услуги за физички лица и над 700 услуги за компаниите. Поедноставени се административните постапки.

Одговорноста на една општина се гледа преку третманот на социјалната заштита. Општината обезбедува поддршка од 6.000 денари за секое новороденче и 3.000 денари за секое прваче.

Како грижата за повозрасните лица ставен е во функција дневен центар за околу 50 корисници. За социјална и медицинска помош годишно се издвојуваат околу 2,5 милиони денари, а Општината обезбедува поддршка и за хуманитарни акции и граѓани на кои им е потребна помош.

Сите активности се дел од заложбата Општина Прилеп да биде место со подобро живеење, поголема грижа за граѓаните и одговорно управување со јавните средства.          

Loading