Ст. Гален, Швајцарија
Во источна Швајцарија се наоѓа градот Сент Гален. Сместен е во долината на река Шајнах, која се влева во Боденското Езеро, меѓу две паралелни возвишувања – Розенберг на север и Фројденберг на југ. Интересно за Ст. Гален е што се наоша на надморска височина од 700 метри и се смета дека е највисок град во Швајцарија. Убаво беше попладнето кога пристигнавме во градот, кој има специфичен релјеф и го викаат “град на илјадниците скали”.

Низ тесните улички се стигнува до кругот на опатијата која е под заштита на УНЕСКО. Од едната страна е најстарата и вредна библиотека, во која има преку 170 илјади книги и средновековни ракописи, во која се влегува со специјални обувки. Од другата страна е градската катедрала, убаво барокно здание со импресивни детали, со две кули кои доминираат над градот. Бојата на куполите е светлозелена, а внатре има бројни фрески кои пленат. Шетајќи низ стариот дел на Ст. Гален, низ пешачката зона, се забележуваат интересни куќи на кои има единствени прозорци кои сум ги видела досега. Испакнати се, дрвени или железни. Шарени се, во различни бои и сведочат за богатата историја на градот и на трговците кои живееле во него низ историјата. Има околу 111 шарени куќи.

Не може посетителот да не ги забележи. Едноставно погледот оди кон нив. Имаат интересна приказна. И шетајќи ќе ја забележиш црквата Св. Ловр со кула од 189 скали, од која има прекрасен поглед на околината и пред сé на покривите од куќите во градот. Она што мене особено ми се допадна, беше одличното решение за Ротер плоштадот. Црвен плоштад кој се протега низ неколку улици, современ, модерен и необичен урбан простор, дизајниран од уметницата Пипилоти Рист и архитектот Карлос Мартинез. Дизајниран како “дневна соба на отворено”, нуди маси, столици, фонтани… други урбани предмети, покриени со гумена подлога, па за секој турист е вистинска атракција. Едноставено шетајќи тука забораваш на времето, и се движиш низ просторот.

Ст. Гален има убава природа. Атракција се трите езерца кои се омилено место за релаксација, за одмор и прошетка. А, до езерцата се стигнува по триесетминутно пешачење од центарот. Има и скали по кои се оди, па угорнина, ама кога ќе стигнеш е задоволство. И каде и да одиш низ Ст. Гален слушаш како жубори вода, а мирисот од природата “те опива”. Чист, убав град, во кој паркот Петар и Паул е убаво место, каде можат да се видат диви животни. Во градот можете да ги разгледате Ботаничката градина со над 8000 илјади растенија, Музејот на текстилот, историска поставка на текстилната индустрија. Иако е мирен, тивок град, со беспрекорна инфраструктура, сепак во вечерните часови беше доста живо, со убава атмосфера од бројните кафулиња и од рестораните. Тука се вкусуваат локални производи, особено традиционалниот колбас, братвурст, кој се јаде без сенф и кечап. И така денот во Ст. Гален завршува. Ќе останат сеќавањата од бројните фотографии.
Текст и фото: Каролина Мицевска
![]()

