„Црнила“ по повод Трети ноември – денот на градот

Театарот „Војдан Чернодрински” се вклучува во одбележувањето на трети ноември – Денот на ослободувањето на градот. Имено, на втори ноември, понеделник, од 20.00 часот во Сцена 105 ќе ја прикаже претставата „Црнила” според Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски. Освен тоа со изведбата на претставата ќе се одбележат и шестте награди што беа освоени на двата фестивали:МТФ „Војдан Чернодрински” и меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков” во Струмица.

На јубилејниот МТФ „Војдан Чернодрински”, театарот за претставата освои пет награди; костимографија (Марија Пупучевска),сценографија (Валентин Светозарев), актер Сара Спиркоска (Млад актер), Димитар Ѓорѓиевски ( награда за машка главна улога) и наградата за режија за Дејан Пројковски.

На фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков” актерот Александар Степанулески ја доби главната награда за улогата на Луков, при што вели дека нашиот театар е „место на негово раѓање” и секогаш ќе биде тука, и дека вложил многу труд, а при тоа му се отвориле многу различни светови, и на крајот се валоризирале позитивно.

Претставата „Црнила” е актерска и режисерка исповед, отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите. Автор на музиката е Горан Трајковски, драматург е Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, а играат  Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Марија Спиркоска – Илијеска, Александар Степанулески, Александар Тодески,  Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата  Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.

Loading