ГОЛЕМАТА ЉУБОВ НА НИКОЛА КАРЕВ И КОЦА ХАЏОВА
Љубовта на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и Коца Тасева Хаџова била кратка, но бурна и незаборавна. Се случила при Илинденското востание и Крушевската Република. Во џебот на палтото на војводата Карев, кога бил убиен на 27 април 1905 година кај селото Рајчани, кочанско, аскерот ја нашол фотографијата на неговата свршеничка.
Фотографијата е единствена на Коца, објавена во турските весници заедно со информацијата за убиството на Карев. Учителката Коца Тасова Хаџова, по задушувањето на Илинденското востание и пропаѓањето на Крушевската Република, со свршеничкиот прстен на раката и големата, златна меџидија скриена во фустанот, заминала од Крушево за Костур. Следната година се вратила во родната Струга. По разделбата со свршеникот 1903 година во Крушево, никогаш не се виделе. Починала 1907 година, две години по убиството на Карев. Прстенот и златната меџидија, заедно со личните предмети од облека на Коца, по нејзината смрт, се чувале во домот на Хаџови во Струга. Подоцна, вереничкиот прстен и меџидијата ги зела Даница, помладата сестра на Коца Хаџова. Облека останале кај постарата сестра Ленка.
Вера Кумбароска, во 1939 година, на неполни 16 години, се омажила за Димитар Кумбароски, син на најстарата сестра на Коца Тасова Хаџова. Ленка секој ден ја споменувала покојна сестра.
– Извезенот знаме од косата на својата тетка Коца, го донела во Струга. Го скрила во црквата Св. Ѓорги. Ѓорги и Сотир Чакарови, бегајќи со Бугарите, го однеле во Софија. Во 1984 година, преку роднини, го видов знамето. Се растреперив. Не се сопираа солзите со допирот на косата на тетка ми. За жал, не е во Музејот на Крушевската Република. На Музетот без надомест му ги предадов елерината, полчето (блуза), бојчето (здолниште) и друго. Зачував само еден нејзин фустан и шеширче со фарош, со мрежа над очите. Тоа е тежок фустан од црна свила “кребањо”, купен во Солун. Фустанот е сошиен по врвната мода во тоа време. Со него се свршила тетка ми Коца за Никола. За мене е цело богатство. Го чувам како реликвија. Често го вадам, го закачувам во собата и со часови го гледам. Според фустанот, била стројна и висока жена, убавица. Со Карев биле прекрасна двојка. И тој бил убавец. За жал, најмалата сестра на Коца, Даница, ги собрала вереничкиот прстен и златната меџидија í ги подарила на снаата за син и Боро, која живее во Битола. Прстенот и меџидијата се кај неа. Прстенот е од старо злато, тежок и уникатен, со изгравиран лик на војвода, веројатно на Никола Карев. Златната меџидија е од чисто злато, направена од пет златни турски лири. тие се дел од нашата семсјна историја. Не се приватно богатство – раскажуваше одамна Вера Кумбаровска, снаа за внук на Коца Тасева Хаџова.
Коца Хаџова дошла за учителка во Крушево на покана од нејзиниот братучед Антиноген Хаџов. Тој бил учител, вклучен во организацијата. Во време на Илинденското востание учителката Коца Хаџова имала 23 години и завршена учителско училиште во Солун. Пред заминувањето од Солун го купила свечениот фустан. Тој првпат го откри и Вера Кумбароска. Фустан е стар над 100 години, најстар сочуван модерен фустан во Македонија. Слабичката, убава, со нежен говор и секогаш со одмерени зборови жена, Хаџова, го носела фустанот за свечени прилики, зак прогласувањето на Крушевската Република и на скромната свршувачка со Никола Карев..
Стружанката во Крушево го развила македонскиот патриотизам и свеста за слобода. Била најблиска соработничка на Никола Карев Таа била една од неколкуте везачки на револуционерното знаме на Крушевската Република. Било од црвен копринен материјал, опшиено со срма. На средината со златеста коприна биле извезени две раце, кои се ракувале на палмов лист, а над рацете имало запален факел. Околу сето тоа имало натпис: “Слобода или смрт-знаме на крушевската чета”.
Знамето биле опшиени срмести реси, а по краиштата виселе големи срмени пискулки. Коца навезла и знаме со две девојки со долги коси, кои стојат врз картата на Отоманската империја. Косите на девојките се извезени со косата на Коца Хаџова. Тоа е знамето што во 1984 години во Софија го видела Вера Кумбаровска.
По востанието, заминала за Костур. Здравјето í се нарушило по убиството на свршеникот. Со туберкулоза се вратила во Струга. Живеела до 1907 година. Починала на 27 години. Стружани ја погребале со големи почести во дворот на црквата Св. Ѓорги, веднаш зад олтарот.
Пробивајќи се низ малото прозорче, низ истото прозорче од кое и таа, свршеничката на Карев, пред 120 години го гледале Дрим и струшката чаршија, со трепет влегуваат зраците, прелевајќи се врз црниот фустан од тешка свила “кребањо” на Коца Тасова Хаџова. Во тој трепет, во рацете на Вера Кумбаровска, фустанот како да оживува и како да ја раскажува приказната за љубовта на убавата учителка со учителот Никола Карев, претседателот на Крушевската Република. Таа приказна стара повеќе од еден век сега треба само да се запише.
Блаже Миневски
![]()

