“Спомени на прилепските револуционери”

Ново дело од библиотекатa

“Спомени на прилепските револуционери” од д-р Славчо Ковилоски, е новото дело што го објави библиотеката. Директорката на библиотеката Андриана Ристеска, посочува дека се објавени спомени од револуционери што се родени во Прилеп. Тоа е збогатување на роднокрајното одделение.

– Пишаното културно наследство е чувар на колективната меморија за нашето историското минато, на споменот на значајните истакнатите историски личности. Прилеп уште од почетоците на македонската револуционерна организација бил на врвот на пирамидата на македонското револуционерно движење. Потекло имаат многу истакнати македонски револуционери кои дале  огромен придонес за слободната и независна македонска држава. Затоа библиотеката останува чувар на спомените на револуционерите – вели директорката на библиотеката, Андриана Ристеска.

Во  програмата  на библиотеката е ставен акцент на збогатување на издавачката дејност.

– Објавени се спомени и сведоштва на 17 прилепски револуционери, преку кои ќе остане трајно зачуван споменот на повеќе историски настани и личности од Прилеп и прилепско. Книгата е плод на подолго истажување на приредувачот, д-р Ковилоски – посочува директорката Ристеска.

Ковилоски смета дека во книгата се пренесуваат спомените на револуционерите од плејада македонски револуционери.

– Сведоците и учесниците ја дополнуваат сликата за револуционерните дејствија, за организацијата и за начинот на кој што се однесувале во одредени ситуации. Тие претставувале и единствен извор за некои помали збиднувања и при описите на карактерните црти на некои локални револуционери, што уште повеќе придонесува за нивното значење во комплетирањето на целосната слика на македонското револуционерно движење. По начинот на пишување, се препознаваат личните ставови на револуционерите. Спомените изобилуваат со субјективности, воодушевувања од херојските подвизи или разочарувања заради некоја загуба. Вклучени се мемоарите, сеќавањата и други искази од прилепските учесници во револуционерното движење – Јордан Ангелов, Петар Ацев, Георги Ачков, Илија Биолчев, Крсте Гермов – Шакир, Милан Грашев, Милан Ѕвездов, Атанас Иванов, Илија Иванов, Владимир Карамфилов, Константин Кондов,  Димитар Мирчев, Ѓорче Петров, Тодор Поп Адамов, Григор Попев,  Тодор Станков и Георги Трајчев. Спомените извлечени од македонските и странските архиви. Сведоштвата се однесуваат на плејада македонски револуционери кои се протагонисти на судбоносни случувања. Еден ја пренесува  заклетвата со која биле примани нови членови на МРО. Ова е реткост во македонската и историска литература, еден град да понуди сеќавања, да излезат автентични записи за едно место и за еден толку значаен период од македонската историја. Спомените се показател за високиот општествен и морален долг што прилепчани го чувствувале кон поробената татковина – вели авторот д-р Славчо Ковилоски.

Loading