Задар
Задар е приморски град во, Хрватска со повеќе од 80 илјади жители. Се стигнува преку аеродром или со автобус. Магичен е градот под планината Велеби не само лете кога е сончево, туку и во секое друго годишно време. Не за џабе славниот режисер Алфред Хичкок рекол дека во Задар го видел најубавото заоѓање на сонцето. За жал, многумина ја немаат таа среќа, бидејќи есенските облаци го затемнуваат хоризонтот.

Задар е модерен град на Јадранот. Најатрактивно е архитектонското дело на Никола Башиќ, насловено “Поздрав на сонцето”. Тоа е соларен систем со дијаметар од 22 метри. Оттука може најубаво да се следи залезот на сонцето. Преку денот впива сончева светлина, а навечер дава неверојатни светлосни ефекти. Рај за очите.

Во близина е едиственото дело “Морска оргула”, кое ја обединува архитектурата со музиката. Стои на брегот од историскиот дел. Вистинска туристичка атракција и природен музички празник. Под мермерните плочи на брегот, поставени се 35 цевки кои имаат отвори кои се појавуваат на површината од шеталиштето. Брановите и ветрот и даваат душа на “Морската оргула”. Автор е архитектот Башиќ, кој во 2005 година, со своите дела успеал Задар да го претвори во центар на атракции. Прекрасно е доживувањето да се стои и да се слуша музиката на морето. Колку е поразбранувано, толку е погласензвукот, небаре свири оркестар.

Привлечен е не само со модерните дела од блиското минато. Раскошен е со бројни стари историски архитектонски дела, кои пленат. Форумот од првиот век п.н.е. се наоѓа под темелите на црквата Св. Доната. Зачувани се градски ѕидини, копнената и морската врата. Црквата Св. Доната ја има на секоја разгледница. Привлечна е градбата од 9 век, оти е во полукружен облик, со височина ид 27 метри и 22 метри широчина. До неа е и катедралата Св. Стошиј, со интересна архитектура и прекрасна камбанарија која доминира над градот.
Незаборавна е прошетката низ опеаната улица Калелагром со околните бројни сокачиња. Тука најубаво се запознава Задар, кој е музеј на отворено. Во секој дел се најдува објект кој говори за богатата историја. Особено, ѕидини кои се заштитени од УНЕСКО, а во минатото го бранеле градот од освојувачите. Денес е омилено шеталиштето, полно со храмови и плоштади со различни приказни. Народниот плоштад е центарот на јавниот градски живот. Плоштадот Петар Зораниќ е посветен на задарскиот ренесансен писател, а е центар за бројни манифестации. Блиску е плоштадот на бунарот со Капетановата кула.
Така Задара е град на жива култура со бројни музеи и галерии. Во една од нив неодамна се претставија делата на една наша македонска сликарка. Градскиот пазар полн со понуда на свежото овошје, зеленчук и, неизбежно, риба.
На крајот од денот, мерак е да се вкусат морските специјалитети од медитеранската кујна.
Текст и фото: Каролина Мицевска
![]()

