ЈУГОСЛОВЕНСКОТО МИЛИЦИСКО ФИЌО ПОНЕСЕ НАГРАДА И ВОЗДИШКИ

Колекционерот Илчо Наумоски ја збогатува збирката

Колекцонерот и сопственик на приватниот југословенски музеј, прилепчанецот Илчо Наумоски, ја збогати збирката од времето на живеење во бившите ју – простори, овојпат со автомобил. За реставрираното Фиќо со натпис “Милиција”, го освои и првото место во категоријата Топ национална класа на манифестацијата Кар шоу што традиционално, 18- ти пат, се одржа за празникот 11 Октомври. Наградата ја доби за ретката историска тематика – југословенска милиција, за оригиналноста и квалитетот на реставрацијата на возилото. Неговиот автомобил Застава 750 или популарно наречено Фиќо, на изложбата беше издвоено меѓу олдтајмерите, грижливо поставено под настрешница, и кукла полицаец до него, која, исто така, е од збирката на колекционерот кој ужива во предметите од времето во кое не бил ниту роден.

– Една година се подготвував за изложбата. Идејата ми беше да се претставам со олдтајмер од времето на Југославија. Имало и порано “фиќовци”, но не и милициско. Возилото го купив од прилепчанец, прв газда кој навистина бил милиционер. Бојата му беше плава, а јас ги обоив вратите и капакот бели. Сам го реставрирав, полирав. Внатрешно беше мошне сочувано – објаснува  Наумоски, колекционерот на стари ју – предмети и сопственик на награден олдтајмер.

Моторот бил “срча”, “коска”. Воопшто ништо не му фалело. Пали, вози. Дури возилото било регистрирано секоја година. Со возење по прилепските улици, Илчо, заедно со другар му Александар, пристигнале на изложбата. Организаторот ги издвоил, фигуративно дури личело дека воспоставуваат ред. Комплетната слика била создадена со куклата, милиционер која ја имал во збирката.

– Униформата е оригинална. Исто така палката “стоп”, пендрекот, коланот. Сакав да ја доловам претствата за времето кога биле секојдневие по улиците – вели Наумоски.

Сината боја на Фиќото, белите букви, кај некои граѓани не само што ги навратиле спомените од минатото, туку предизвикале и непријатни чувства.

– Имаше различни реакции. Најчесто воодушевување. Младите прашуваа, беа љубопитни. Возрасните коментираа дека убаво било што сум се сетил да направам реставрација, многу блиску до оригиналот. Интересни беа коментарите и на поранешните полицајци. Е еден  прилепчанец, со смеа рече дека многу пати бил возен на задното седиште во вакво возило. Со целата композиција, привлеков силно внимание. Ме сликаа со телефони, ме прашуваа, се воодушевуваа. Задоволен сум што ја реализирав целата замисла која се круниса и со награда, иако првпат учествував на кар шоуто – вели Наумоски.

Иако “Заставата 750” е регистрирана и исправна за возење, Илчо Наумоски засега планира да ја чува како експонат во дворот на семјната куќа каде и се наоѓа збирката од југословенските предмети. Признава дека стариот автомобил не “лета” како новите возила.

– Потешко се вози. Многу специфично е управувањето со кумплугот, педалата за гас, со менувачот на брзини. Евентуално со возење би сум го однесол на некоја друга изложба на стари автомобили во соседните градови – објаснува Илчо.

Наумсоки продолжува да ја збогатува домашната збирка на предмети од времето на Југославија. Дел од експонатите ги нарачува на интернет, дел ги купува на пазарите за стари работи во држава.

– Се стеснува просторот. Нема повеќе место за големи предмети и сега фокусиран сум на поситни, како благодарници, пофалници, ордени, плакети, значки. Најважно е да пишува дека е изработено во Југославија – вели Илчо Наумоски.

Не се откажува од идејата и сака неговиот приватен музеј да стане и официјално на картата за туристичката понуда во градов. “Крастата” за времето од поранешна Југославија, на социјалните мрежи често ја “чеша”, со фотографии со Тито и Јованка, креирани со вештачка интелигенција.

3 000 евра за совршен изглед

– Заставата 750 е произведена во 1980 година. Му сменив оригинални резервни делови. Ентериерот беше релативно зачуван. Појасите беа оштетени од сонцето. Теписоните ги нарачав дури од Словенија. Браниците и фаровите ги купив  од Србија.  Материјалот за навлаки за седиштата ги порачав од Скопје. Го исполирав сам. Сето ме чини околу три илјади евра – вели Наумоски.

ОРИГИНАЛ РОТАЦИЈА И РАДИОСТАНИЦА

– Ротационото светло е оригинал и го имам платено 150 евра. Му наместив и оригинална радио станица која не смее да се вклучи. Што се однесува до натписот “Милиција”, тоа не е спорно да стои на надворешната врата, затоа што е термин кој нема значење, не постои, исто како име на фирма која се рекламира, како бренд – вели колекционерот и сопственик на наградениот олдтајмер.  

Loading