Публикација за Меморијалниот музеј “11-ти ОКТОМВРИ 1941”

“11-ти Октомври 1941 година е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ, проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување, вложени во Балканските војни и во Првата светска војна. Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција, Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот, како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности”.

Вака вели историчарот Рубинчо Белчески од Завод и музеј Прилеп.   

Според него, македонскиот народ самостојно се избори за слобода. Од првите партизански одреди што ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во организирана 100-илјадна армија со воени формации од највисок ранг. По ослободувањето во 1944 година до денес, македонскиот народ ги негува традициите од минатото, подигајќи споменици, спомен-обележја, музеи и други објекти кои потсетуваат на славното минато на македонскиот народ, на многу настани, дејци, револуционери.

Објект, кој сведочи за почетокот на вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор секако е Меморијалниот музеј “11Октомври 1941”. Годинава се одбележуваат 85 години од востанието и 65 години од создавањето на музејот. Заводот и музеј Прилеп изработи публикација која ќе биде претставена вечерва од историчарот Рубинчо Белчески. Тој истакнува дека Меморијалниот музеј “11 Октомври 1941” е “симбол” на Прилеп, единствен град во Македонија кој го добил високото признание, орденот “Народен херој”, за сé што неговите жители го направиле за време на Народноослободителната и антифаштичка војна на Македонија меѓу 1941 – 1945.

– Од Прилеп и прилепско имало околу 8000 учесници, од кои 2700 активни борци со оружје в рака. Прилеп дал 650 жртви, 15 борци се прогласени за Народни херои, од кои 10 се загинати, а 5 ја преживеале војната, а 154 борци се носители на “Партизанска споменица 1941”. Во 1975 година, Претседателот на СФР Југославија, Јосип Броз Тито,  Прилеп  го прогласил со Орденот “Народен херој”. Во публикација е раскажано за првиот востанички истрел кој во Прилеп, на 11-ти октомври 1941 година, кој не бил само симболичен чин, туку, автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ да истрае на балканската ветрометина и да се биде на страната на антифашистичката коалиција, сé до последниот ден на победата над фашизмот. Со нападот на бугарската полициска станица, на затворот и нателефонско-телеграфската мрежа, од страна на прилепските борци, бил означен почетокот на победничкото востание на македонскиот народ. Борците од НОБ го продолжиле револуционерниот од на илинденците, а воедно ги реализираа стремежите за слобода на многуте македонски борбени генерации, низ вековите, изразени преку многубројните буни и востанија, вклучувајќи го првиот Илинден од 1903, преку вториот Илинден од 1944, за да на 8 септември 1991 година преку референдумот или таканаречениот трет Илинден, се оствари вековниот сон за самостојна, независна и суверена Република Македонија – вели Белчески.

Loading