Театар
Ансамблот на театарот “Војдан Чернодрински” на 7 октомври на камерната сцена во ЦК “Марко Цепенков” премиерно ќе ја изведе претставата “Животинска фарма” според Џорџ Орвел, во режија на Ќендрим Ријани.
– Низ човеката историја се покажало дека дури и најблагородните идеи не успеваат да стигнат до својот зенит кога се поткопани од желбата за моќ и контрола, од лични интереси, или едноставно, од малодушност. Така и пропаѓаат. Во тие случаи вистината станува еластична, фактите се предмет на интерпретација, а политичкиот јазик е неопходно средство, бидејќи, како што вели Орвел, тој е создаден лагите да звучат како вистина – посочува Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, драматург.
Адаптацијата на култното делоја пренесува Орвеловата приказна во нашиот контекст и се занимава со механизмите на моќта кои го деформираат општеството. – Иако некои имиња и околности се сменети, системот е познат. Заедницата верува во оној што зборува најгласно, ветува најмногу и тврди дека дејствува “за наше добро”. Трагедијата е во неспособноста на животните да ја препознаат манипулацијата пред нивните очи. Нивната доверба, лојалност и верба во подобра иднина, вредностите што ги обединиле и им давале надеж, стануваат синџири што ги држат во покорност. Набљудувајќи го сето тоа однадвор, се прашуваме: Зошто не гледаат? Како уште паѓаат на истите измами? Ние сакаме да веруваме дека сме поинакви, дека сме единствениот интелигентен вид на планетата, способен за логика, разум и самосвест. А сепак, кога ќе се соочиме со најочигледните замки, се однесуваме како животните на фармата. Затоа “Животинска фарма” понатаму останува моќна критика на тоталитаризмот, како и силно предупредување за кревкоста на слободата и еднаквоста – вели Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, која заедно со режисерот Ријани ја изработи драматургијата и воедно е асистент на режија.
Играат Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Марија Спиркоска Илијеска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и Томе Темелкоски.
![]()

