Одговорност е правилната употреба на македонскиот јазик

Жанета Видевска, лектор

“Стандардниот македонски јазик е основа на јасната, прецизна и професионална комуникација во сите сфери на општеството. Неговата правилна употреба не е само прашање на јазична норма, туку и показател на одговорност, професионалност и почит кон јазикот. Во тој процес, институциите имаат особено значајна улога. Треба да бидат пример за доследна употреба на македонскиот стандарден јазик, но и активни партнери во унапредувањето. Општините, образовните институции, државните органи и стручните организации можат да постигнат многу повеќе кога дејствуваат координирано и со заедничка цел. Затоа, институционалната соработка е од особено значење”.

Ова го посочи Жанета Видевска, лектор, директор на СУ “Ѓорче Петров”  на средбата на лекторите од Македонија.

Таа смета дека е потребна постојана комуникација меѓу институциите, лекторите, наставниците и стручните лица од областа на македонскиот јазик, не само кога ќе се појави проблем, туку и при креирањето практики, насоки и решенија што ќе придонесат за повисоко ниво на јазична култура.

– Значаен е Законот за употреба на македонскиот јазик. Неговото спроведување не треба да биде само формално, туку процес во кој институциите и стручната јавност заеднички ќе придонесуваат кон доследна и квалитетна употреба на македонскиот стандарден јазик во јавниот и институционалниот живот. Лекторите се важни и нивната стручност треба да биде целосно искористена. Кога институциите, образованието и стручната јавност соработуваат, јазичната политика полесно се претвора во добра јазична практика… Македонскиот јазик е наша заедничка одговорност, а неговото зачувување и унапредување е успешно кога институциите и стручната јавност работат заедно – смета Видевска.

Брзата комуникација, интензивната размена на информации, различните јазици имаат силно влијание врз секојдневниот говор.

– Забележливо е влијанието на англискиот јазик. Преку технологијата, интернетот, медиумите, музиката, филмот, бизнисот и социјалните мрежи стана дел од секојдневната комуникација, особено кај младите. Затоа во македонскиот јазик почесто се среќаваат англиски зборови и изрази – англицизми. Некои се веќе прифатени во јазичната практика, а други навлегуваат во јазикот како нови појави, и тогаш кога постојат соодветни македонски зборови. Потребно е да се разгледа кога употребата на англицизмите е оправдана, како тие се приспособуваат кон македонскиот јазичен систем и кога, наместо нив, е посоодветно да се употреби домашен македонски збор или израз. За ова прашање е значајно во усната и во пишаната комуникација, каде се менуваат јазичните навики под влијание на новите технологии и современите начини на комуникација – загрижена е Видеска.

Според неа, македонскиот јазик е богат со дијалекти и говори.

– Тие се нераскинлив дел од неговиот развој, од јазичната и културната традиција на македонскиот народ и од богатото нематеријално наследство што се пренесува од генерација на генерација. Дијалектите даваат живост и разновидност на јазикот и претставуваат значаен извор за проучување на неговиот развој. Преку дијалектите се чувствува богатството и разноликоста на македонскиот јазичен простор. Паралелно со почитувањето и негувањето на дијалектното богатство, особено важно е учениците да ја усвојат и правилната употреба на македонскиот стандарден јазик. Училиштето е местото каде што тие постепено учат да прават разлика меѓу својот природен, локален говор и стандардниот јазик што се употребува во образованието и во официјалната комуникација – истакнува лекторката Жанета Видевска.

Loading