Даниел Мелвил Македонска рапсодија 138

Еден човек дојде до Димо Каран и му јави:

– Честити господару, те бараат на портата.

– Кој?

– Некоја жена.

Каран стана и, следен од прислужникот, излезе. Облечен беше во црвен фустан долг до колената, стегнат на половината со широк кожен појас со на него обесен нож наострен како брич. Прерамката со сабјата му минеше преку градите. На нозете носеше јаки војнички сандалки. Брзо го премина главниот двор, дојде до портата каде стражарите го поздравија со оружјето. Веднаш ја позна двојката бели коњи од бојната кола од Темјануга. Таа се упати пеш накај него.

– Прости што идам во ден кога чекаш персиски амбасадори.

– Твојата појава секогаш ми ги радува очите. Чест ми е што дојде кај мене, обичен смртник.

– Да прошетаме малку – предложи самовилата.

Се оддалечија накај еден рид. Темјануга бараше зборови да му се обрати.

– Некни ноќта, во шумата, кога ти реков дека бракот меѓу бессмртна и смртник не е можен заради нашите небесни закони, а и заради тоа што не би можела да поднесам без да страдам да гледам како старееш и умираш, ти не ми соопшти дека си полубог по мајка ти – констатира Темјануга, гледајќи далеку.

– Некоја од твоите посестрими тоа ти го кажала?

– Да, една од трите што си ги изненадил на капење во малото езеро во Самовилската Гора.

– Во мене вриеја многу чувства, та не помислив да ти зборувам за мајка ми. А и за што би послужило тоа. Таа живее некаде на небесата, каде не е можно да отиде смртник како мене?

– Можеби, би можел да ја посетиш. Следната ноќ, ако имаш можеш да отсуствуваш од дома, појди на собирот на машките божества и побарај да разговараш со брат ми Кико или, како што го викаме, Сонце. Му раскажав за тебе. Тој би помогнал. Собирот ќе биде на чистината во Самовилската Гора каде си им свирел на флејта на моите посестрими. Собирот ќе сврши по изгревот на сонцето. Ако не успееш да се ослободиш затаму, ќе најдеме друга пригода ти и Кико да се запознаете. Сега тој е многу зафатен на другиот крај од твојава земја.

Без ништо друго да додаде, боса, се стрча како коза, висока, горда, лесна. Каран ја виде како скокна на својата бојна кола и одгалопира, кревајќи облак од прашина.

Минувајќи преку главната порта од куќата, од држењето поисполнето со почит отколку обично на своите војници, заклучи дека тие претпоставуваа оти жената која ја сретна не е смртна креатура.

Најпосле персиските амбасадори стигнаа придружени од одделение со македонски војници, кои ја осигуруваа безбедноста во Македонија, а и за да им послужат како водачи при патувањето во земјата. Домаќините сториле сé најдобро можно да ги задоволат персиските посетители. Вечерата беше во полн ек кога Персијците, весели и со една претерана повеќе испиена купа вино, го изразија околу нив чудењето што има присатни само мажи.

– Каде се жените? Нека дојдат. Имаме обичај да се разонодуваме со жените, откога добро сме се најале и напиле.

На овие зборови, Македонците се погледнаа меѓу себе. Што да прават? Сакаа посетителите кога ќе заминат да бидат задоволни од укажаниот прием. Од друга страна, да ги викнат нивните жени, свршенички, сестри или ќерки, не беше во согласност со навиките во нивната земја. Постоеше ризик приемот да сврши лошо. Решија да сторат напор да го задоволат барањето на гостите. Жените дојдоа и седнаа, интерпретирајќи гостопримството на домаќините како страшливост пред нивната моќна држава. Си дозволуваат посмели гестови спрема жените. Каран и неколку други македонски личности, со тешкотија гледаа на земјаците, смртно навредени заради поведението на Персијанците. Најпосле генералот Кала, согледувајќи дека не е можно да се дозволи атмосферата да се расипе повеќе со понижувањето на домаќините и нивните жени, преку преведувач објави дека жените се повлекуваат да се измијат, да се стокмат уште поубаво, да се намирисаат, да се намачкаат со помади, да се нашминкаат, задоволството на гостите да биде поголемо.

 (продолжува)

Loading