Цело Коњари кон Прилеп!

Фудбал: Трета лига

Прилеп не може да живее без фудбал, така што добредојден е претстојниот меч од 4.коло на Третата лига – Регион 4, ГФК Победа – Големо Коњари. Се игра в сабота од 15.30 часот, на Градскиот стадион “Гоце Делчев”. Се очекуваат многу народ, многу гледачи. Се спремаат сите фудбалски љубители од Големо Коњари да ја пополнат трибината за да го поддржат саканиот тим. Влезот за сите е слободен. Тоа беше најавено од домашниот клуб многу порано од одигрувањето на ова дерби, на кое се среќаваат двете екипи коишто досега само победуваат и имаат по 9 бода.

– Покажавме дека имаме добра екипа, дека заслужено сме фаворити скоро на секој меч. Единствен дуел каде што не сме фаворити е следниот, со ГФК Победа. Но, ќе дадеме сé од себе за да стигнеме до добар резултат. Нема поголема мотивација да играме против тим со име Победа – вели Зоран Даноски-Шукер, тренерот на Големо Коњари.

Екипи со слични имиња претходно беа во второлигашкото друштво, а сега ГФК Победа и Големо Коњари наредија по три победи есенва. Големо Коњари дома ги совлада Башкими (2:0) и Росоман (3:0), на гости Вардар во Неготино (2:1), додека ГФК Победа дома беше подобра од Превалец (6:0) и Влазними (10:0), на гости од Бучин (7:1).  Затоа на табелата ГФК Победа, Венец и Големо Коњари се во водство со по 9 бода, пред Борец и Победа Пепелиште со 7, Превалец 6, Росоман 4, Ултрас и Бучин по 3, Башкими, Вардар Н. и Влазними по 1,  Питу Гули и Млекар 0.

-На секој меч целта ни е победата. Го почитуваме противникот и веруваме во нашите можности. Ако ние одиграме како што знаеме, имаме квалитет за да ги земеме трите бода. Верувам во секој што е дел од нашиот клуб – почнувајќи од играчите, тренерот и Управата. Ние сме една фамилија. Ќе го дадеме масксимумот, оти Прилеп живее за Победа – порачува Филип Стомнароски, играч на ГФК Победа.

Loading