БЕЗ ЗАКОНСКА ИЗМЕНА, НЕМА СПАС

Бездомните кучиња – проблем без решение

Дури 20 милиони денари потрошени се за отштета предизвикана од повреда од куче од непознат сопственик од почетокот на годината. Плус за трошоците на ЈП Комуналец за прифатилиштето, кое работи по законскиот принципот “Залови, третирај, врати”. Моментално во стационарот има 13 бездомни кучиња кои по третманот, кој чини 100 евра по куче, по предвидениот законски рок од 15 дена, ќе бидат вратени на локацијата каде биле фатени. Според податоците од Комуналец, годишно се третираат во просек под сто кучиња.

Од друга страна, група загрижени граѓани ги бараат своите маалски миленици, бездомните кучиња за кои сметаат дека ги снемало од локациите каде се наоѓале вообичаено. Според нив, исчезнатите кучиња веќе биле стерилизирани и имале ушни маркици. Освен со реакција на социјалните мрежи, се собраа и на протест пред Општината, барајќи одговор каде се кучињата кои, наводно, биле заловени во средината на септември, но не се наоѓале во прифатилиштето.

Локалната самоуправа уверува дека динамиката на третман на бездомните кучина е вообичаена, како што била и во пролетните или ланските есенскии месеци.

Според Законот за заштита и благосостојба на животните и подзаконските прописи, кучињата не можат трајно да се чуваат во прифатилиштето.  Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство  вршела вонреден инспекциски надзор во прифатилиштето.

Инаку, пред неколку години Комуналец преку Бирото за регионален развој доби ново возило за транспорт на повеќе заловени кучиња до прифатилиштето и до ветеринарната клиника за целосен третман. Прифатилиштето за бездомни кучиња, годиниве овозможува значително да се намали бројот на популацијата на бездомни кучиња.

Законот за заштита и благосостојба на животните предвидува секое заловено куче да се вакцинира, тестира, стерилизира или кастрира, се третира против внатрешни паразити по принципот „Залови, стерилизирај, врати”, се обележуваат со ушна маркица и се враќаат на местото на залувување. Кога се враќале на локација од каде што се заловени, кучињата ја чувале локацијата од миграција на други единки со што се превенирале болестите и се воспоставувало и контрола на теренот. Третманот на бездомните кучиња повлекува и големи финансиски средства од јавното претпријатие и од општината.

Одговорното сопствеништво кон домашните миленици е уште еден сегмент со кој кучињата нема подоцна да се пуштаат слободно да шетаат на јавна површина.

Присустна е појава на носење на кучиња без сопственици од руралните  средини кои се ризик за граѓаните. Контролата на неконтролираното зголемување на бројот на кучињата скитници може да се надмине со промена на законските акти и со поголеми казни врз неодговорните сопственици.

Се проценува дека има околу 1 000 кучиња скитници.

Но, ниту мината, ниту оваа година нема ниту едно вдомување на куче скитник од стационарот за да стане миленик во некое прилепско семејство кое има услови и љубов кон животните.

Граѓанин бара надомест од 16 илјади евра

Последната тужба што Комуналец ја добил од граѓанин е со побарување на штета од 16 илјади евра. Наскоро ќе почне судска постапка.

Според нашите сознанија, станува збор за граѓанина кој бил турнат од куче, скитник од велосипед, при што се здобил со скршеници.

Loading