Љубов за пеењето

Софија Рибароска, раководител на КУД “Пере Тошев”“

КУД “Пере Тошев утревечер ќе одржи целовечерен концерт, со избор на убава македонска музика. Ќе настапат и гости. Тоа е поводот за разговор со Софија Рибароска, раководител на КУД „Пере Тошев”.

Ќе дарувате убава музика. Што ќе има можност да се чуе?

Публиката веќе го знае нашиот репертоар. Тоа се македонски народни обработени песни најчесто во три гласа. Репертоар е збогатен со краток слет на македонски евергрини.

Имате и гости?

Ќе настапат младите членови на фолклорната група “Моминок” како и џез хорот “Артизан” од Скопје. Ќе се слушнат неколку поетски творби на познати прилепски поети.

Како опстанува друштвото?

Да се опстојува долго, потребна е огромна љубов кон хорското пеење, невиден ентузијазам, желба за дружење и упорност на членовите. Секоја проба, па и настап, е задоволство, релаксација и можност за исполнување на потребата за пеење. Тоа се главните елементи кои го држат опстојувањето на хорот веќе 40 години.

Последните години подигнат е квалитетот на настапите и претставувања?

Имајќи во предвид дека не сум професионален музичар, да се биде раководител на ваков хор е предизвик. Хористите ме поддржуваат и поттикнуваат. Се трудам хорот да биде подобар и подобар со секој настап. Тоа досега го потврдуваат настапите во градов, во земјава и пошироко.

Успевате ли да бидете достоен репрезент на градот?

Одговараме речиси на секоја покана во градов, доколку хорот е во полн состав. Веруваме дека достојно се претставуваме. Последните години сме настапувале и на староградските средби во Охрид, на фестивалот Свети Никола во Штип, на разни други манифестации. Учесници сме биле на меѓународни фестивали во Црна Гора, Албанија и Грција. Насекаде собираме симпатиите.

Која е водилката за работата на друштвото?

Љубовта кон хорското пеење е главна водилка, а меѓусебното дружење како и дружењето со други состави е дополнителен поттик.

Каков е интерес кај младите за членство?

Интересот на младите е на ниско ниво. Младите се интересираат за други нешта. Тешко се наоѓаат ентузијасти кои без надомест или посебен интерес би трошеле дел од своето време. Сепак нашиот состав е  разнолик, имаме и млади членови.

Следни предизвици?

Секој настап за нас е предизвик. Вгодина КУД “Пере Тошев” ќе слави 40 години. Мала ретроспектива би направиле со јубилеен концерт. Засега тоа е предизвик. Со редовните гостувања, надвор од градот и во странство, се трасира патот по кој чекориме.   

Loading