Пензионер одгледува 240 питоми птици
Човек на 70 години, пензионер, се грижи за повеќе од 240 гулаби. Ги храни, ги одгледува и води “сметка” за нивното здравје. Ги штити од разни непријатели, како што се мачки, ласици, кунатки, лисици и кучиња. Само не најдува “лек” за соколот, гулабар, кој ги демне од високо и ги напаѓа не само кога летаат, туку и кога стојат на герамидите или на земја пред кутлукот.
“Да се сакаат овие мили птици не е потребна само љубов, туку и одговорност. Тие се украс за мераклии, плакнење на очите и празник на душата за оние кои уживаат на преливот на боите на пердувестата “руба.”
Ова го вели пензионерот Ицко Спиркоски, која своите 240 пердувести миленици, главно во црнобела облека, ги храни со годишна порција од над еден ипол тон пченица.






Вели дека јатото му станало дел од животот. Не се само хоби, туку, како што се вели во Прилеп, “краста”, зараза. Ќеф му е да ги летне, да ги собира околу себе, да му надлетуваат околу главата и рамената.
– Тие се кротки и питоми птици, без разлика дали се црни, шарени или бели. Знаат кој ги храни и ја чекаат дневата “доза”. Го препознаваат стопанот. Со душа чекаат упорно да им се отвори гулабарникот за да излезат. Надвор пак, “пејат” или мукаат. Тоа им е некаков јазик за додворување на машките кон женските или обратно. Рај се за очите. Со нив местото изгледа мирно, заносно и делува смирувачки – вели сопственикот Спиркоски.
Од татко му и од дедо му местото каде ги чува и живее се вика Баба Чаир, или по турски, татков имот, таткова бавча. Површината била поголема, а сега е сé сменето. Дел од бачата ја “зела” реката.
Гулабарникот му е блиску до градот, недалеку од градскиот немир. Со задоволство минува гулабарското друштво повеќе време дневно.
– Среќен сум со мои летачи, гулаби. Вистинскиот гулабар, оној кој ги сака и ги одгледува, не ги продава, или не прави од чорба. Ниту купува други. Гулабарството е мерак, иако некои гулабарот го смеаат за некој неранимајко, мрзелив човек, ајдамак, грд збор. Ама времињата се сменија и гулабарите станаа љубители на птици. Главно во кутлукот ранам курум шешки, црнобели, мсарки, бајас куруци, џок шешки… Тие што летаат далеку ги викаме ајари, оти летааат високо и се враќаат во својот “дом”, ако не ги забележи соколот и не им се пушти да ги улови – кажува Спиркоски.
Можел да остане да живее во центарот, каде израснал, каде одел на дуќан кај татко му Благоја, јорганџијата.
– Чаршијата некогаш беше подруга, со стари дуќани и дрвени и метални кепенци. Не беше како сега, да не се знае, кое, каде е и што е. Откако “избегав” од градов, се преродив во Баба Чаир. Супер ми е. Живеам со сопругата по мој тертип. Се радовам кога ќе ми дојдат двајцата синови со семејствата за викенд. Подготвуваме скара. Четирите внуки повеќе ги привлекуваат гулабите, отколку синовите и снаите. Сакаат да си играат, да се движат околу јатото, а и гулабите околу нив да летаат и да ги допираат со кријлата по косите. Доаѓаат и пријатели, љубители на птици. Се договараме за купување поголеми количества пченица. Многу се и им е потребна многу храна. Еднаш мојот покоен дедо ме прекоруваше со зборовите дека гулабите да биле овци, ќе имало некој ќар, зашто само се хранат и само им се чисти околината – кажува Спиркоски во смеа.
Првин јатото не било толку бројно. Ама се чифтат по тричетирипати годишно. Така кутлукот се преполнил со привлечни нови “жители”.
– Да ранев свиња цела година со толку храна, ќе имав стотина и повеќе килограми месо. Не е задоволството исто. Покрај храната, нужна е дополнителна грижа за нивното здравје. Им капам капки во устата, им ставам лукче во водата и им ги правам сите метании да бидат здрави, да ме опкружуваат и да ми летаат околу кога ќе ги пуштам од ницвната “куќа” – ја кажува Спиркоски, грижата за милениците.
Му чини задоволство кога со пријателите и други “колеги” пуштаа гулаби во црковниот двор за празникот Богојавление. И воопшто, се собираат љубителите на птиците, кои симболизираат мир, и разговараат, со по некоја чашка на летниот шанк. Седенки се прават и околу фурната и скарата.
Пензионерските денови ги “тепа” со црнобелите летачи. Ја подработува бавчата на природен начин со прихрана од изметот од гулабите.
Пред пензионирањето работел во Земпромет. Бил шеф на продавница до пропаѓањето на компанијата.
Чува гулаби – тепа диви свињи
Спиркоски од мал е заљубен во ловот, особено на диви свињи. Лови и други видови дивеч. Годините не му “тежат” да биде рамен во кондицијата и да ги совладува планините со помладите ловџии, колку да ја “исчешаат крастата”, да “пукне” ловџиската тајфа.
К.Ристески
Рамка
Декор на плоштадите во светот
Гулабите се декор на прилепскиот плоштад, како многуте централни јадра на велеградовите во светот. Прилепските летечки миленици секојдневно слегуваат на плоштадот “…Ченто” или околу чешмата Итар Пејо во потрага по храна. Често се хранети од дуканџиите на плоштадот, па и од сопствениците на бели печива. Меѓутоа, немаат институцијална грижа. За тоа сведочат неофицијалните податоци за драстичното намалување на градските гулаби последниве години. Според познавачите, гулабите биле зафатени од епидемија на некоја болест, што го десеткувало јатото од илјадници на неколку стотина. За среќа, природата си го прави своето. Отпорните гулаби создаваат нови генерации наследници и расте бројот на гулабите во градот кои најдуваат погоден простор за гнездење во таваните на Комеријална банка, во градскиот саат, старата чаршија…
Инаку, најимпресивен е центалниот плоштад кај црквата Сан Марко во Венеција. Илјадниците птици се толку кротки што не се плашат да застанат на подадена човечка рака и да колваат пченица од многуте туристи. Градските власти редовно ги чистат и одржуваат просторите за множење на гулабите во монументалните објекти.
Во некои градови во светот постои служба која се грижи за обезбедување на храна на јатата градски гулаби, дури и за здравјето на овие птици.
![]()

