Манастирот Свети Јован во Небрегово

Манастирот Свети Јован Крстител во селото Небрегово занемува од убавината во која никнал божјиот дом. Ѕидовите се капат во изгрејсонце, а попладне во зајдисонце. Манастирот се кроти во пазувите на планината Мукос, припитомувајќи ја дивината.

Под ветките тивко “ѕуни” шумолот на листовите на раскошниот даб. Се тресат на првите есенски сончеви зраци. Пеат птиците со кристален глас. Се слушаат клопотарците од говедата кои трагаат по трева . Ја кинат тишината и го полнат воздухот со радост. Идила за милина и воздишки на нежните допири на природната убавина крај накалемениот божји храм.

Воодушевува трепетот на божјата порака. Челича благост и милост. И восхит од духовниот спокој.

Манастирот е мало богатство здиплено во духовниот долап. Црквичката се “родила” во 1970 година на местото Црквиште. Храмот е кренат на нови темели, оти темелите не можело да крепат на старите основи, на црквата, урната 1300 година. Фрескоживописецот Ристе од Мажучиште го украсувал во 1991 година.

Во манастирската ткаеница исткаени се многу молитви до Бог, приказни за луѓе кои барале лек од Светецот, од светонеделската, петочна вода. Луѓе, фамилии на кои им се сонило, даруваат сликање на  фрескоживописот. Многу. Ѕидовите ги красат фрески од мајката божја, Свети Јован, Свети Кирил и Методиј, Свети Димитрија, Света Петка и Света Недела и други. Највисоко од сводот благословува Исус. Сé е дар од богољупците. Народот градел и дарувал несебично.

Слава на манастирот е Свети Јован во јануари, Свети Кирил и Методиј во мај и Иванден во јули и во септември е отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител. Свештеник одржува литургии за славите, за веселби и за умирачки.

Домаќини на славите се пријавуваат да дарат на Бога за здравје на семејствата, за маки на студенти… Славите ги посетувале до 300 гости. Некогаш и до 500.

Пред црквата се извишила камбанарија од бетон. Конакот располага со со осум пространи светли соби со по неколку кревети и дише чистота.

Манастирот располага со неколку хектари забел. Се берат и се продаваат дрвја. Останува и за греење на конакот. Фирми помагаат, како и верниците, кои доаѓаат помасовно за славите. Водата е сопствен резервоар. Стара жена сонила уште една вода во близината, крај светонеделската и петочната. Мисли дека тоа е вода од Свети Јован.

 Во селото постои и црквата Свети Никола, градена пред 150 години која се инаети на времето. Камената градба нема знаци да потклекне.

Свети Јован Крстител – последниот пророк

Свети Јован Крстител е роднина на Исус, и е последниот пророк. Се родил на Иванден. Името му го дал татко му, кој прозборел, кога го напишал името на синот како да се крсти. Јован живеел во пустина крај реката Јордан. Се оддал на Бога. Проповедал против човечките недостатоци и повикувал луѓето да се покаат. Велел дека тој крштева со вода, но Исус е тој кој крсти со Свет дух и со оган. Јован го крстил и Исус на реката Јордан.

Loading