ВИК со големи донации
Најсовремена сензорна соба и дефектолошки кабинет доби Центарот за поддршка при учењето кој се наоѓа во ОУ Климент Охридски Прилеп. Општина Прилеп како најинклузивна општина во Македонија, продолжува да ги подобрува условите со донација од општествено одговорната компанија ВИК.

– Општина Прилеп со ова докажува дека навистина се грижи за децата со посебни образовни потреби и дека ги правиме сите можни чекори со средства од буџетот, но и со вака општествено одговорни компании кои инвестираат во просторот и научно-образовните средства за да добијат подобар третман овие деца кои што заслужуваат да бидат повклучени во нормалниот систем на образование. Од информациите, повеќе од 200 деца се со посебни образовни потреби. Ова училиште третира повеќе од 50, има двајца лиценцирани дефектолози кои што интензивно ќе работат во подобрени, односно во најсовремени услови во Република Македонија – вели Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Со специјални светлосни и звучни реквизити опремена е собата кои нудат контролирана сензорна стимулација на децата. Центарот го посетуваат 50 деца.
– Најмногу е наменета за ослободување на децата од стресот и анксиозноста, да ја подобрат концентрацијата и сопствената моторика. Преку индивидуален пристап во безбедна и стимулирачка средина. Сакам да упатам голема благодарност до општествено одговорната компанија ВИК за нивната донација, за можноста секое дете од градот и пошироко да ја користи. Ако досега имавме една или две сензорни стабилности во училиштето, сега ги имаме за сите. Тоа значи дека со сите сензорни области можеме да работиме со нашите дефектолози и асистенти. Упатам една голема благодарност до општествено-одговорната компанија за нивната донација, за можноста секое дете од градот, а и пошироко, да ја користи – вели Ахил Јаков, диретор на ООУ Климент Охридски Прилеп.
Како дел од културата на компанијата, ВИК се трудат да бидат поблиску и подостапни за вработените каде што живеат.
– Секоја година одбираме проекти кои се од голема важност за децата на општина Прилеп и би сакале да ги охрабриме и да можат да живеат соодветни услови. Ова е дел од нашата посветеност кон општина Прилеп и секоја година ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти и да донираме во општината – рече Жанет Гилман, од ВИК, одгорна за одделот за работа со луѓе.
– Имам задоволство да бидам со вистинските херои кои работат навистина една одговорна работа, кои помагаат на децата во оваа институција. Едно големо благодарам за ова од моја страна. Многу ме допре тоа што го видов тука. Горд сум на вас и секако ВИК како и досега стои како пријател на градот и се надевам дека тоа нема да се промени и ќе имаме уште многу проекти да и помогнеме на заедницата – рече Мирослав Спасовиќ, генерален директор на компанијата ВИК.
Од ВИК најавија дека ќе продолжат со донации.

Уредено игралиштето во градинката Вишне
ВИК помогна за уредувањето на дворот и игралиштето во градинката Вишне. Целосно го реновираше паркот приспособувајќи го на сите потреби на најмалите корисници.
– Инвестирањето во просторот каде растат нашите деца е инвестиција во нивното среќно детство. Благодарност до Општина Прилеп и општествено одговорната компанија ВИК за создавањето на модерно, зелено и инспиративно место каде децата ќе го минуваат своето време во безгрижна игра, учење и дружење на свеж воздух – велат од ЈОУ Наша иднина.
![]()

