Средното име е израз на револт
Ретки се примерите кај луѓето со средно име, покрај името и презимето. Таков е нашиот прилепчанец Тони Павлески, којшто на ФБ страницата е претставен како Тони Македонија Певлески. Не е во личната карта или пасошот, не во сличен документ, туку само на ФБ. Сите што го знаат не испуштаат да го кажат и тоа средно име – Македонија. Што се случи – кога, како,зошто?
– Тоа беше пред десетина години, по неуспешниот референдум за промена на името од нашата држава, Македонија. Народот беше против за промена името. Само со триесетина проценти “за” се искажа ставот дека името не треба да се смени, туку да остане Македонија, Само триесетина проценти беа за промена и да се прифати “Северна”. Тоа беше катастрофа за предлагачите. Сепак, тогашните водачи наши го сменија името, под надворешен притисок. Тоа ми беше повод да го внесам ова средно име Македонија. Тоа знак на револт кон промената во “Северна” – објаснува Тони.
Блика патриотизмот. Видлив е белегот при секој разговор. Не е изненадување, ако се знае дека е роден во Небрегово, местото на Блаже Конески. Како и великанот и Тони е автор на повеќе книги, поезија. Заслужен е за фестивалот “Поетско Маркукуле”… Родољубието го носи во себе цел живот. За што и да зборува, потенцирана е љубовта кон татковината, кон своето. Има напишан роман, ама неиспечатен, “Марионети и лузни”. Се навраќа на 1991 година кога се раѓаше мислата за самостојна Македонија.
– Два месеца бев во Вуковар, каде што не сакав да бидам. Како војник на ЈНА од Краљево ме прфрлија во Вуковар, заедно со многу други. Експлодира чувството македонско кај десетината другари, Македонци. Емоциите беа многу силни, дека сме вистина Македонци и дека и ние имаме право да одлучиме за својата држава да биде самостојна, како што тоа претходно го направија Словенија и Хрватска. Беше многу голема љубовта кон Македонија. Оттука и размислата дека конечно треба да бидеме она што сме, посебна држава. А не да учествуваме во бесмислена војна. Некако успеав да побегнам и да се вратам дома- се сеќава Павлески.
И семејството му е на истата линија. Го поддржува. Сите се согласуваат со неговиот став дека мора да остане ова име, Македонија. Сметаат дека е сосема исправно човек да не сака да биде “Северен”. Дека за секој вистински Македонец тоа е голема навреда, оти, сепак, за светот отсекогаш ова територија, овој простор бил познат по името Македонија, а народот тукашен како Македонци.
Не сме Северномакедонци, бивши Македонци или слично. Обезличување е секаква додавка. Прифатлив е само тој збор, тоа име – Македонија. Тие 5 слога, 10 букви, 5 согласки и 5 самогласки- објаснува Павлески.
Забележал реакции, коментари, нешто зајадливо, навредливо. Некое исмевање.
– Не знам што му е криво некому ако сум го додал кај мене името Македонија? Секој што се чувствува вистински Македонец, треба да си го чувствува како свое ова име, а не да го исмева – аргументира Тони.
Павлески се радува на убавите нешта, поврзани за татковината, на успесите. Спортист е и го следи целиот спорт. Емоциите се силни при патриотските изјави на нашите спортисти.
– Неодамна каратистот, прилепчанецот Матеј Белистојаноски на Медитеранските игри во Италија, по освојувањето на првото место изјави. “Ова е медал за мојата Македонија”. Незаборавно, иако е одамна беше кога Дарко Панчев, играјќи за белгрдската Црвена звезда му даде два гола на грчкиот Панатинаикос. И дека едниот гол бил за Звезда, другиот за мојата Македонија – потсетува Тони Македонија Павлески.
![]()

