НАСТАНОТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИ, ЗАТОА НАПРАВИВ И ЗДРУЖЕНИЕ

Киро Бешироски, потомок на стреланите во Дабничкиот масакр

Историјата на македонскиот народ, за Втората светска војна кога се родила македонската држава, е полна со настани кои не можат да се заборават, некои заради храброста, а други заради трагичниот епилог на партизаните. Еден крвав настан е Дабничкиот масакр кога на 19 септември 1942 година, биле  убиени 18 партизани од селото Дабница и Прилеп од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Да не има некој жив, со бајонети биле прободувани телата на стреланите. Меѓу нив биле и тројца членови на фамилијата Бешироски.

Прилепчанецот Киро Бешироски (67) ги памети сведочењата на неговата баба Илка и дедо му Благоја за настанот, а со желба да не се заборави формирал и здружение „Партизанска Дабница 1942”. Биле стрелани,  еден брат од дедо му, Алексо Бешироски и братучедите Года и Душан Бешироски.

– Честопати баба ми и дедо ми, раскажуваа како било, што било. На крај на умот не му идело дека дека тоа ќе се случи. Тоа утро не ни помислувале дека ќе се случи таков настан, кучињата лаеле во зорите и слушнале ѕвечкање на чизми. Бугарите се истуриле по куќите, ги ваделе сите луѓе од куќите. Мажите и жените ги одделувале. Мажите со ортома врзани за раце ги носеле кон касарната. Собрале околу 40 луѓе, а селото бролело над стотина души. Жените довикувале, молеле, бугарската војска на чело со Куцаров немала милост за лелеците и молбите од жените дека ќе останат сами, со децата. Од касарните, потоа врзаните мажи ги однесле во Участакот. Следното утро дошле да им донесат облека и храна, и бугарските војници им велеле дека ним повеќе нема да му треба храна и не треба да им носат повеќе ништо. Родителите и жените пиштеле, коси корнеле, немало куќа од каде немало земено член од семејството, а од некоја и татко и син, било земено се што е машко. Тоа било во сабота и ја викале црна сабота. Следниот ден пак биле во участакот, потоа биле вратени пак во касарната. Пред еден ден се случила борбата на Мукос и барале да ги идентифиукуваат дали се дабничани и тука ги стрелале, 13 мина од Дабница и 5 од градот. Фамилијата разбрале дека се стрелани од Петко Велески кој избегал покрај река – раскажува Киро Бешироски, потомок на стреланите во Дабничкиот масакр.

Телата биле натоварени во камион и ги однеле кон Прилепец, на местото Црвени стени, и ги запретале. После ослободувањето дабничани цело поле го пребарувале, ништо не можеле да најдат. По ослободувањето ја откриле гробницата, ги познале по алиштата и другите остатоци. Моштите ги закопале на Могила.

– Тројца членови да ти загинат во фамилијата е страшно. Дедото кој бил во логорот во Беломорска Македонија, потоа се грижел за децата. Жално и тажно. Јас како Бешироски останав без најмалку стотина роднини, ги немам како роднини – вели тој. 

За загинатите во 1972 година е подигнат “Споменикот на жртвите на фашизмот”, од академскиот скулптор, прилепчанецот Димо Тодоровски. Споменикот се состоеше од мермерна плоча и бронзена човечка фигура. Во 2002 година, бронзената фигура беше уништена поради имотна корист на несовесни граѓани. Споемникот е реновиран во 2019 година, по повод 3-ти ноември Денот на конечното ослободување на Прилеп.

Рака за рака – на приредба кај споменикот 

Порано денот, 19 септември се одбележувал со приредби, со многу гости и посета на делегации од Скопје.

– Направив здружение Партизанска Дабница 1942 за да не се заборави крвавиот настан, да ги потсетувам, да се учат младите генерации на историското минато. Како ученици нас, рака за рака од сите училишта, одевме и имавме приредби. На местото на стрелањето поставивме крст – вели Киро Бешироски, претседател на Здружението „Партизанска Дабница 1942”.

Бараат и патот да се направи до Дабница. Има викендици, има штали.

Жалаат што пределот околу споменик е запоставен и дива депонија.

Loading