Даниел Мелвил Македонска рапсодија 135

Топол здив на лицето го разбуди. По навика десната рака веднаш му скокна кон дршката од сабјата. Над себе ја виде главата од бојниот коњ. Верното животно, кое не дозволуваше никому освен на господарот да го јавне, кога пристигнале позлатените или нашарените со украси бојни коли, им ги покажало забите на непознатите коњи и се доближило до единственото лице кое го почитувало и го сакало со своето коњско срце. Димо Каран го погали коњот по челото до устата, го потупка по вратот, прстите ги мина низ гривата од благородното животно, па се загледа околу. Полната месечина ја осветлуваше речиси целата широката чистина. Тешки и лесни бојни коли се распоредија од место на место и отпрегнатите коњи групирани пасеа или се поместуваа околу. 30, можеби 40 девојки седеа на тревата и зборуваа меѓу себе со тивок глас. Некои разменуваа со рацете неразбирливи знаци, или, пак, тоа го правеа со разни изрази на лицата, придружувајќи ги гестовите со зборови што Димо Каран претпостави дека се од говорот на боговите. Една од нив стана и викна:

– Сестри, смртникот тукушто се разбуди. Пред да решиме дали ќе му го одземеме животот, или само видот, затоа што се осмелил да се меша меѓу нас, ајде да му побараме да ни свири, за да играме. Ако се измори побрзо од нас, ќе му го земеме животот или очите. Ако, пак, ние прво се измориме, ќе го пуштиме да си оди здрав и жив.

– Да, да, добра идеја!, извикнаа повеќе гласови.

Првата се приближи до Каран. Му подаде сребрена флејта, изразувајќи се на македонски, му рече:

– Дрзок смртнику, знаеш ли да свириш на овој инструмент?

– Било кој козар тоа го умее, одговори без да трепне прашаниот.

– Тогаш свири и не заборави кој е влогот за тебе. Во прашање се твојот живот или твоите очи.

– Песни?

– Песни, ама што може да се игра. Намести се меѓу нас.

Каран стана, отиде на рамното покажано место, остана тивок неколку мига, па почна да свири. Самовилите оформија долго оро. Почнаа да пеат и да играат. Свирејќи и благодарејќи на јасната светлина од месечината, можеше да посматра непречено. Иако мнозинството девојки беа руси или црвенокоси, меѓу нив беа застапени такаречи сите типови: прекрасни црни креатури, па и жолти со коси очи; црномурни девојки чии очи фрлаа пламење, и движења и тела од кои буквално зрачеше жена и нејзиниот апел кон мажјак. Беше жешко, та повеќето беа облечени со лесни ткаенини, фустан до половина бут, па и само до “дебелите меса”, куси панталони и танки везени женски блузи што држеа заробени бујни разбунтувани дојки или, пак, долги проѕирни бели фустани стегнати на половината со златен или сребрен појас украсен со разнобојни скапоцени камење, сандалки со танки ѓонови што фрлаа молњи црвени, зелени, лилави, модри… Обичниот смртник имаше привилегија да ја види волшебната глетка. Му овозможи да свири долго време. Ама, почна да се уморува. Почнаа да му се здржуваат брзите прсти по дупките од флејтата. Дали во таа авантура ќе го остави својот живот или, пак, својот вид?

Страдањето стануваше неиздржливо. Бронзената волја и храброста на борец му дозволуваа да најде сила за да продолжи да свири. У ште колку време ќе може да издржи? Одеднаш една од танчарките се струполи на тревата велејќи: “Не можам повеќе”. Други танчарки набрзо ја имитираа својата другарка. “Спасен! Спасен!”, извикна во себе Димо Каран.

 (продолжува)

Loading