Осми Септември е еден од најзначајните датуми во историјата на Македонија. Тој е Денот на независноста, ден кога граѓаните ја потврдија својата желба за самостојна и суверена држава. На 8 септември 1991 година беше одржан референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за независна Македонија. Референдумот беше важен чекор кон создавањето на самостојната држава.
Владо Чакароски, професор во пензија, советник во актулениот состав на Советот на прилепската локална самоурава и ветеран на ВМРО – ДПМНЕ ламентира за историскиот подвиг и ден на македонскиот народ.

– Тоа е новото поглавје, почетокот на независноста, на која се стави печат со декларацијата за независност, а на 17 ноември 1991 година беше донесен и Уставот на Република Македонија. Осми септември е ден на гордост, но и ден за размислување. Од 1991 година минаа многу години, а Македонија долг и тежок пат. Не беше сé идеално. Секоја генерација остава свој белег. Најголемата задача денес е да ја зачуваме независноста и да ја направиме државата подобро место за живот – вели Чакароски.
Стартот не беше лесен.
– Новата држава се соочи со економски проблеми, политички предизвици. Се создаваа институции на самостојната држава. Требаше да се изгради сопствен економски систем и да се воспостават односи со други држави. Македонија постепено го зацврстуваше местото во меѓународната заедница. Во 1993 година стана членка на ОН. Тоа беше значаен момент за младата држава. Македонија мина низ многу тешки и убави периоди. Имаше економски кризи, политички поделби и сериозни општествени проблеми. Во 2001 година мина низ вооружен конфликт, кој заврши со Охридскиот рамковен договор. Подоцна следуваа нови политички и економски предизвици. Сепак, државата продолжи да постои и да се развива – кажува Чакароски.

Во 2018 година беше потпишан Преспанскиот договор, а во 2019 година државата го промени уставното име во Република Северна Македонија.
– За едни тоа беше чекор кон евроатлантските интеграции, а за други болно отстапување од националното чувство и традиција. Денес Македонија е независна држава со свои институции, култура, јазик и историја. И понатаму се соочуваме со предизвици поврзани со економијата, иселувањето на младите, политичките поделби и европската интеграција. Покрај сите тешкотии, независноста останува вредност што треба да се почитува и да се гради – вели Чакароски
Осми септември не треба да биде само празник и неработен ден. Треба да е потсетник дека државата е создадена со волјата на нејзините граѓани. Ден за сеќавање на генерациите кои ја граделе Македонија. Да се сетиме на големите востанија, големиот Илинден. Борбата за време на втората светска војна, кога се ослободивме од јаремот. Вториот Илинден, АСНОМ, кога првпат Мекдонија слободна.
– Независноста носи и одговорност кон идните генерации. Затоа, најважно е да создадеме држава која младите ќе ја сакаат да останат, ќе сакаат да живеат и да ја градат својата иднина. Независноста не е стекнато право, туку и обврска секојдневно да ја чуваме, почитуваме и унапредуваме својата држава – заклучува ветерано Владо Чакароски.
![]()

