Претставена е првата поетска збирка од Габриела Стојаноска „Живи рани, мелем песна“. За шестото книжевно дело на Стојаноска зборуваше писателката Оливера Андоноска.
“Живи рани, мелем песна” од Габриела Стојаноска е дом. Од првата до последната страница, од ноктот на десната рака до левата преткомора, како што вели самата во стиховите на “Во што се претворивме”, чекориме низ него, за да сфатиме дека цело време сме чекореле низ себе. Низ најтемните улички на нашите мисли, во ќорсокаците на нашето тело, на местата на најголемата тага, таму кај што последното збогум значи ветување за повторна средба. На тој пат не сме ни забележале дека ни испопаднале сите ножеви како штит од непознатото во мракот, од сите мрачни сенки/од своите сенки, сите наместени изрази, се погледнуваме во огледалата поставени на секој чекор, а во нивниот одраз го гледаме сопствениот шок, изненадувањето од таа ’дрскост‘ да се посегне по она кое обично го оставаме во мракот. Овој дом постојано се осветлува во различни агли, но тоа само им го зголемува силното доживување, приврзаноста, блискоста и на гостите, а чинам и на домаќинката. Плачеме, ја плакнеме внатрешноста до следното збигорување, оти животот се везе со различни конци и бои, а, над сè, со една толкава љубов, од која повторно ти се плаче, ама сега од една друга возвишена убавина. Тоа штедро сакање на животот, бликање, голтање на пејзажите се прелева низ страниците и нè заразува. “Живи рани, мелем песни” од Габриела Стојаноска е дом, во кој можеме да се стутулиме со целиот свој мрак, мисли, љубов, страст, искуства, со сите именувани и безимени таги и да пронајдеме разбирање. На некој чуден начин нејзината поезија не бара да ја разбереме, туку одеднаш сфаќаме дека таа нé разбира нас. И ни станува удобно. И безбедно. Како дома – рече Андоновска.
Стиховите интерпретираше актерката Лора Штарго, која неодамна дипломираше на ФДУ.
Габриела Стојаноска дипломира и магистрира на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Работи како наставничка по македонски јазик во основното образование. Повеќе години беше уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж”. Има објавено три збирки раскази – „Гола” (2007), „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа” (2019) и „Сега би пишувала за…” (2022), научната студија „Кусиот расказ и сонот – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи” (2018) и збирката драми „Драми (Трудници/Тајни)” (2020). Добитничка е на повеќе книжевни награди. Застапена е со раскази во повеќе антологии, има објавувано поезија, проза, есеи и рецензии во повеќе книжевни печатени и интернет-списанија, меѓу кои „Стремеж”, „Наше писмо”, „Корени”, „Сарајевске свеске”, „Лоза”, „Библиосвет”, „Електролит”, „Ние”, „Македонија Презент”, „Современост”, „Книжевни елементи”, „Блесок”, „Синхро.рс”, „Раст”, „Современи дијалози” и други.
![]()

