Надвор веќе се разденило, но уште беше рано. Куќата спиеше, освен стражарите кои со шлемовите и оружјето одеа и идеа вдолж предвидените места. Минејќи покрај нив со знак ги поздрави, па малку потоа се качи на воен коњ, полудив, и загалопира накај Самовилската Гора. Утрото беше топло. Најавуваше жежок ден. Слушајќи кристалнозвучно смеење на жени, ја забави брзината од коњот, потоа слезе од пантерската кожа што беше седло, го заводи коњот по себе. Три млади жени се капеа, се довикуваа, смеејќи се во едно езерце, изложени на сонцето меѓу неколку карпи во една чистина. “Слушнав луѓе како расправаат за самовили, за божества, ама прв пат лично ги гледам.” Трите јуди, знаејќи за стравот на луѓето пред надприродните креатури, мислејќи дека се заштитени од секакво изненадување, ги оставиле облеките на стрмниот брег. А тие им овозможуваа да летнат, да ги снема брзо и да се појават на друго место. Каран го ослободи коњот, кој почна да пасе. Се доближи до брегот од малото езерце. Една од девојките испушти извик за тревога, ама веќе беше доцна. Димо стоеше до нивните алишта. Почнаа да го преколнуваат да им ги подаде облеклата да ги стават врз себе.
– Не, чупи, ако ви ги дадам, ќе одлетате, а не сакам тоа да ви го дозволам, бидејќи имам прашања за поставување.
– Кои прашања?, рече едната од трите.
– Како и каде би можел да најдам една од вас која се вика Темјануга?
Трите самовили, чии бисти беа над водата, се погледнаа меѓу себе, како да се договараа без да зборуваат.
– Отстапи, да ги земеме алиштата, и ќе те информираме – му рече темнокосата, после еден гест и неразбирлив збор од страна на црвенокосата.
– Заколнете ми се во Кралот на сите богови дека нема да избегате и ќе ми одговорите на прашањето.
– Ти се заколнуваме во нашиот крал.
Димо ја врати сабјата во ножницата и отстапи неколку чекори. Девојките излегоа од водата без да се женираат пред неговиот поглед, си ги навлекоа фустаните, ама оставија на тревата дел од алиштата, веројатно оние што им овозможуваа да летаат во воздухот како птици.
– Седни со нас, го покани црвенокосата.
На тревата, девојката со црна коса им раздели на сите јадење што извади од една кошница:
– Јади и пиј со нас. Ова не е храна за смртници, но добра е и за тебе.
Димо се поколеба. Третата девојка, златноруса како стеблата од зрело жито, се насмевна:
– Немој да се грижиш. Ако сакавме да те погубиме, веќе ќе беше мртов.
Храната беше многу вкусна, пијалокот послужен во тенки купи од злато, а Каран го оцени како божествен.
Русокосата му ја фати десната рака, ги затвори очите, постои без збор неколку мига и потоа зазборува:
– Димо, ти не знаеш дека преку мајка ти си полубог. Треба да ја посетиш твојата мајка во нејзината палата на небото и таа ќе те направи бессмртен.
– И тогаш ќе бидам како самовилата Темјануга?
– Ќе бидеш како Темјануга и, ако те сака, како ти што ја љубиш, ќе можете да живеете заедно овде и на небесата.
– И како би можел да отидам кај мајка ми?
– Немаме право да ти кажеме како да отидеш меѓу ѕвездите. Тоа средство можеби еден ден самиот ќе го откриеш.
– Каде е Темјануга? Каде да ја најдам. Тоа ми го ветивте.
– Овде.
– Овде?
– Да, денеска славиме важна дата. Посестримите ќе дојдат од секаде. Да се надеваме дека ако ја чекаш Темјануга, нашите сестри нема да посакаат да те убијат, оти нити еден смртник нема право да се дружи неказнето со нас. Можеби ќе те спаси твоето својство на полубог. Ќе ја имаш ли храброста да ризикуваш да го чекаш со нас овде пристигнувањето на другите?
– Да.
Трите диви се соблекоа пак и се нурнаа во водата. Каран почна да чувствува а умор, заради недостиг на сон. па, откога погледна каде му е коњот, се истегна на тревата и набрзо заспа.
(продолжува)
![]()

