Творештво со монументален концепт

Заврши 18-та колонија „Марко Цепенков Дрен 2026”

Заврши ликовната колонија „Марко Цепенков -Дрен 2026” што по 18 пат ја реализираше ЦК „Марко Цепенков” со поддршка на Министерството за култура и туризам, општина Прилеп и Тутунскиот комбинат. Седум уметници – скулптори, од земјава, твореа во амбиентот на дворот на Тутунскиот комбинат и создадоа вредни уметнички дела – монументални скулптури во метал кои ќе бидат поставени во јавен простор за увид на граѓаните. Осум дена твореа, се дружеа и разменуваа искуства Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Марјан Стојаноски, Слободан Милошески, Озбек Ајваз, Славчо Павлески и Емил Солески.

Од ЦК велат дека годинашното издание е значаен чекор заразвој на  манифестацијата.

– Кога ги гледавме ументиците како работат, ја чувствуваме размената на идеи, размислувања, разговори и процесот на создавање. Радува што делата ќе останат за нашиот град и ќе бидат дел од неговиот културен и уметнички живот – посочи Марија Попова Јованоска, директорка на ЦК „Марко Цепенков”, упатувајќи благодарност за поддршката до Општина Прилеп, Министерството за култура и туризам, Тутунскиот комбинат и до сите учесници.

Координаторот, академскиот слукптор Марјан Стојаноски, посочува дека ваков организиран вајарски зафат во Прилеп  не се случилминатите три децении.

– Кога го договаравме концептот, решивме да биде монументална скулптура. Упатувам благодарност до сите колеги кои го прифатија предизвикот. Ваква манифестација немало минатите 30, можеби и повеќе години. Идејата е скулптурите да излезат на јавен простор, да бидат видени и да комуницираат со јавноста – вели Стојаноски.

За уметниците просторот во кој работеа беше идеален и велат дека им бил исклучително инспиративен, и стекнале драгоцено искуство.

– Ова е исклучително драгоцено искуство, бидејќи разменувавме мислења, идеи и перспективи за уметноста. Твориме скулптури со монументален карактер, со димензии над три метри. Дела ќе бидат наша вредна оставина за Прилеп, трајна вредност за декор на просторот. Имавме прекрасна дружба, одлична организација и иделани услови. Колонијата треба да продолжи, посочи Слободан Милошески.

– За мене ова е учество во еден долг континуитет на македонската ликовна сцена, посебно вајарската, органски поврзана со Прилеп и со неговата историја. Го продолжуваме континуитетот, што е огромен предизвик. Местово дава оптимистички шанси да се претвори во регионален, па и европски концепт за резиденции за уметници, вајари. Сакаме граѓаните да гледаат како уметникот создава монументално дело, а потоа тоа да биде постојано изложено надвор. Работиме во трајни материјал, мермер, камен, железо, Траат децении на надворешни услови – вели Никола Пијанманов.

Првпат ЦК имаше поддршката од локалната самоуправа и градоначалникот Дејан Проданоски, кој посочи дека со монументалните скулптури градот добива поубава, урбана и естетска димензија.

– Не работиме на инфраструктурно, туку на сите полиња да го разубавиме градот, да поставиме нови скулптури работени од вредните раце на врвни уметници од Македонија. Советот на Општина Прилеп ќе ги одреди локациите за поставување на прекрасните дела за да бидат видени од што поголем број сограѓани и посетители – изјави градоначалникот Проданоски.

Со 18. издание, ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен” поставува нови стандарди, претворајќи го Прилеп во отворено уметничко ателје.

Loading