Сирупот од бозел чисти токсини

Навремено наберете си цвет од бозел оти ова растение е богато со антиоксиданси за заштита на клетките. Со бозел луѓето одамна се лекувале од разни тегоби, воспаленија, грип, дигестивни пречки, проблем со кожа, задржување на вода во телото, за јакнење на имунитетот, чистење на телото од токсини… Оваа билка ги штити клетките од пропаѓање, а со тоа и од разни заболувања.

Цветовите се берат на суво време. Пред употребата се делат малите гранчиња со цветови за да заземаат помалку место во садот за приготвување или помалку простор за сушење.

Потребни се 85 цветови бозел, 1 кг. лимон, 1 кг. портокал, 20 кесички лимонска киселина, 10 литри вода, 10 кг. шеќер. Цветовите се мијат па се потопуваат во 10 литри вода. Се оставаат така да преноќат. Следниот ден се вадат само крупните цветови без процедување. На машина за мелење месо или во блендер се мелат добро измиените лимони и портокали заедно со кората. Се додаваат 20 кесички лимонтус, се промешува и се остава да отстои уште 24 часа. Третиот ден се процедува сокот низ чиста и густа газа, па во добиената течност се замешува шеќерот. Се меша со лажиче додека се растопи. Потоа сокот се чува во чисти шишиња кои добро се затвораат.

Сирупот, се разблажува со вода во однос 1:6. Најубав е во комбинација со минерална вода.

Мед од бозел – тегла се полни со цветови, па се залива со домашен мед. Малку се меша, се затвора да отстои на собна температура 3-7 дена. Се процедува медот, но не преку газа, туку преку цедалка. Она што ќе се добие е мед со многу интензивен вкус на бозел кој можете да го додавате во чај, лимонада или така да го јадете. Медот стои долго, додека не се изеде или испие. Остатокот од цедалката се става во половина литар вода, така што заостанатиот мед на цветовите ќе се растопи, па повторно се процедува. Се добива освежителен напиток во кој се додава малку лимонов сок.

Loading