Фудбал: Гоце Гелевски го одржува игралиштето кај Типските
Тешко е за верување, ама, Прилеп, најфудбалскиот град, има само еден фудбалски терен за користење. Тоа е игралиштето со вештачка трева кај Типските куќи. Другите не се во употреба, Ниту од Градскиот стадион, ниту кај Могилата, ниту кај базенот… Проблемот е што, единствениот терен со вештачка трева, има рок на траење, кој е веќе минат. Сите детали ги има Гоце Гелевски, одржувач на игралиштето од 2020 година, како вработен во Комуналец.

– На 14 август 2014 е пуштено во употреба донација од УЕФА до ФФМ за развој на младинскиот фудбал, потоа сопственост на Локалната самоуправа и доделено на Комуналец да го одржува. Такви игралишта се 10 во земјава. Сите што гостуваат – тренери, играчи, судии, велат дека овој терен е најодржан од сите. Во Битола нема ништо зелено од тревата. Сето е црно. Само гума последниве години. Нашиов се користи веќе 12, а гаранцијата беше 10 години, при “нормално” користење. “Нормално” подразбира дневно по 7 до 8 часа, но на него се игра до 15 часа. Гумата издржува температура од 0 до 30 степени, а се користи од минус 25 или и до над 35 степени. По сите оптоварувања – тренинзи и натпревари на фудбалери, фудбалски клубови и школи, машки и женски, рекреативци, ракометари, боксери, кошаркари, од 6-7 наутро до 22 часот навечер, дури и под осумте рефлектори. Така тревата од 5, сега е само 1 сантиметар. Нужна е итно нова трева – вели Гелевски.
Вештачката трева е пред природната затоа што нема трошоци за одржување, наводнување, ѓубрење, рамнење, Вештачката само се чешла, Моментно ја користат сите фудбалски школи, а спроти третолигашкиот старт се спомнуваат Ултрас и Победа. За обезбедување нова трева најверојатно ќе се побара помош од ФФМ.
![]()

