Хрватите, Србите и Словенците прашуваат за Победа

Пензионираниот новинар Зоран Михајлов носталгичен за легендарниот прилепски лигаш

Зоран Михајлов, легендарниот спортски новинар од Македонската телевизија е активен во 81-ва година од животот. Задоволство е комуникацијата. Човекот, со прочуено име, одвои време за Зенит. А темата е Победа, каде Михајлов, пред повеќе години, беше и секретар на клубот. Носталгичен е. Се интересира за судбината на Победа, за клубот со традиција од децении. Прашува, а нашиот одговор е само впечатоци, оти нема официјални изјави.

Прашањето за Победа не бледнее по безброј спортски, фудбалски, теми за успешни клубови, домашни и странски.

– Бев во Пореч, Хрватска, кај другар со кога служевме војска во Битола. Потоа му бев и кум. Другаруваме. И прашува: Што е со фудбалскиот клуб Победа од Прилеп? Му забележувам: Што имаш ти токму со Победа? Еве ти го Пореч, тука е Пула, Истра… Не, не, ме интересира Победа – пренесува Михајлов.

Не е изненадување што го прашуваат за прилепска Победа. Михајлов е поврзан со клубот како генерален секретар и радиорепортер. Генерален секретар бил во осумдесеттите години, кога го напуштил ФК Вардар и чекал да се вработи во ТВ Скопје. По препорака на Ацуле Забрчанец, станал генерален секретар на Победа со тренерот Златко Илиевски. Баш тогаш Победа има прогрес, од републички оди во сојузен ранг, во Втора југословенска лига – Исток.

– Битолчанец сум, ама одамна жител на Скопје, приврзан за Победа. Можеби забележале гледачите на МТВ дека кога играше Победа бев во Прилеп, во времето на Манески, Магдески, Глигороски, Истатов, Дрвошанов… Силна екипа. Коментирав и за локалното Радио Прилеп. На 1 мај, Победа го совлада ОФК Београд во Белград. Најубаво изненадување, а преносот го направив како што треба. Ацуле сметаше дека на Победа сум и носам среќа. Фудбалерите одиграа одлично. Голем триумф во силната и квалитетна лига – кажува Михајлов

По половина век, некој денес ја спомнува Победа? Феномен, чудо!

– И познатиот белградки спортски новинар Милојко Пантиќ прашуваше што се случува со Победа. Се чуди, а Чукарички опстанува и има значајна улога. Штета што отпаѓа до трета лига. Во Љубљана имам пријатели и роднини Словенци. И одма, што правите со Победа? Им одговорив дека ќе прашам. Жалам за ова што се случува. Катастрофа е, Прилеп да се загуби од фудбалската мапа на Македонија. Голем удар за макфудбалот и за прилепскиот – вели Михајлов.

За Победа, еве ја и конкретната негова порака.

– Прилепчаните да не дозволат Победа да пропадне, оти е фудбалско име и бренд, не само прилепско, туку и македонско. Малку недостасуваше во шеесеттите и седумдесеттите години да стане југословенски прволигаш. Клубот е познат надвор од Македонија. Затоа, кога се зборуваа за македонскиот фудбал во поранешна Југославија, оди по редоследот, Вардар, Победа и останатите – завршува Михајлов.

Да се емитува емисијата со Веско!

– Постојано сум ангажиран во Нова Македонија. Секој понеделник оди еден серијал за ракометот во Македонија, како почнал од голем ракомет на фудбалско игралиште до мал ракомет околу 1952-53. Има 40 продолженија. Ќе има серијали за пливачките маратони, за фудбалската шампионска генерација на Вардар. На Наша ТВ, се емитуваат стари снимки, како со Веселин Тофоски, некогашниот новинар и фудбалски голман на Победа. Таа ги буди прилепчани, да видат што значи Победа за градот. Битно е Победа да е присутна во медиумите, а опасно е ако се заборави, оти е најголемиот симбол на градот.

Синот – десна рака!

Во семејството Михајлов е синот Горазд. Тој е познатиот фудбалер и тренер. Тој вели дека последен пат ја гледал Победа со тетовски Тетекс, 1:1, меѓу 5000 гледачи.

Loading