Без да го попушти притисокот со коленото, Каран се наведна и зазборува на увото од младата жена: “Штом те, ми се бендиса како никоја жена досега. Би сакал да ми станеш жена и да ми народиш многу деца.” “Улав си, смртнику. Дури и ако се согласам да се омажам за тебе, тоа нема да те направи среќен, оти останувам секогаш млада, а ти ќе старееш и ќе бидеш несреќен.”
Каран го врати ножот во појасот, па и помогна на самовилата да стани. Веднаш изгасна светлината од “месечината”. Неговите очи се навикнаа на мракот. Откри дека е сам на чистината. Со сликата од Темјануга во главата и во градите, се качи на бојната кола и ги остави коњите сами да го најдат патот до домот.
На друг пат, Темјануга бесно ги гонеше двата бели коњи до границите од нивните сили и брзина. Смртникот, Димо Каран, сосема í ги исполнуваше психата и телото. Можно ли е небесната креатура, да фрлила женски поглед на обичен смртник!? Темјануга уште не знаеше дека Димо Каран е полубог по мајка му, дојдена на Земјата, качена во една од оние ѕвезди, огнени обрачи, што се јавуваат понекогаш на небото од овој свет. Преку таа мајка, човекот имаше можност да стане бессмртен, ама тоа тој не го знаеше.
По двобојот со Темјануга, дните и ноќите од Димо Каран течеа во бессоница, во треска. Тренираше еден вид бес на војниците за кои беше одговорен со имот и куќата, понекогаш работеше кај селаните, се фаќаше на ората и играше долго. Потоа се враќаше дома, легнуваше, се превртуваше во сите правци без да легне сон на неговиот клепки. “Колку ли се големи песните и танците од нашиот народ! Нашето оро се протега далеку зад нас. до нашите Стари. Сигурно, така ќе продолжи во идните векови. Ама над сите тие слики се наметнуваше онаа од самовилата Темјануга. Нејзината насмевка од вечни снегови по високите планини, хармоничните форми од нејзиното тело, долгите руси коси, модрите бездни од очите и мистериозните изрази на лицето. Каков глас, богови од небесата, каква магепсувачка вибрација! Доста беше да си го чуе споменот од слушнатиот глас во шумската чистина под светлината од чудна месечина без месечина. Димо Каран беше војник со искуство од сто битки, со орелско око, со прецизна рака, силен, со потколеници од бронза, ама да почне да се топи како мраз на сонце. Како, потомок на краловите на Македонија, можел да се заљуби како младо момче за кое портите од љубовта на возрасните се уште затворени, па му кријат свет, непознат и помалку застрашувачки?! Не, божеството на сонот одбиваше да го однесе на своите крилја направени од ноќ. Со вжештено чело, Каран стануваше, наредуваше некој од дежурните војници да ги спрегне коњите во бојната кола и се втурнуваше со голем шум надвор од својот посед. В зори, со коњите покриени со пот и пења што им паѓаше од устата, се враќаше исцрпен. Ги оставаше благородните животни на грижите од војниците. Легнуваше и потонуваше во длабок сон без соништа. Една ноќ отиде до подземниот гроб од татко му, ископан под земјата на еден од дворовите околу куќата. Поминувајќи преку тајната врата, запали маслена ламба. Се доближи до златната касела со коските од татко му, завиткани во скапоцени ткаенини. Ја остави ламбата на камениот под и седна на еден блок. Медитираќе долго. Никаков натпис не фигурираше на влезот од релативно големата гробница, со исклучок на тајните пораки изречени преку распоредот на предметите, преку цртежите – орнаменти на ткаенините, преку ѕидовите и релјефите. Фрески, како стрипови, немо го гледаа Димо од преградните ѕидови. Со неслушлив говор, ама експлицитен, раскажуваа епизоди од животот на покојниот, сцени на лов, на турнири, двобои, битки…
“Татко, зошто мајка ми еден ден не напушти како и што дошла, качена во огнена бојна кола слезена од небото?”
Единственот одговор беше тишината. Стана, го однесе масленичето на вообичаеното место, го дувна пламенот и излезе од гробницата, допирајќи го тајниот подземен ходник.
(продолжува)
![]()

