“Тивок ритам на формите” од Милица Алимпиќ Илиќ

Изложба

Вечерва од 19.30 часот во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” ќе биде отворена изложбата “Тивок ритам на формите” од Милица Алимпиќ Илиќ. Поставката е серија на слики со мотиви на изразена женска фигура како централен носител на визуелната и емотивната приказна.

– Низ различни положби, движења и односи на фигурата со просторот, ги истражувам и претставувам внатрешните состојби на жената. Насловот го отелотворува разбирањето дека формата, линијата и бојата не се само визуелни елементи, туку простор во кој телото, чувството и мислата се среќаваат сосема спонтано и искрено. Во композициите се менуваат геометриски форми и слободни, природни движења на фигурата. Контрастот на топли и ладни, светли и темни тонови, како и ритамот на повторувачки линии и облици, ја градат динамиката. Фигурите понекогаш се поставени наспроти геометриски форми, а понекогаш како да израснуваат од нив, создавајќи рамнотежа меѓу редот, хаосот и слободата. Делата се во акрил и масло на платно. Преку женската фигура, се обидувам да го доловам моментот во кој се среќаваат видливото и невидливото, оставајќи му простор на гледачот да го препознае или создаде својот ритам и својата приказна во овие форми – вели уметницата.

Милица Алимпиќ Илиќ е од Шабац, Србија. Дипломец е на Висока школа за ликовни и применети уметности во Белград. Член е на Здружението на ликовните уметници на Шабац. Во кариерата имала седум самостојни изложби во Србија и учествувала на бројни групни изложби  на Балканот, Европа и канада Канада, Турција, Мексико, Аргентина, Јапонија и Јужна Кореја. Покрај авторската пракса, е едукатор и илустратор. Води ликовни работилници за деца и возрасни. Учествувала на ликовни колонии во Србија, Македонија, Б и Х и Бугарија. За својата работа е добитник на награди и признанија.

Loading