Стивнува дивеењето на пожар во селото Чаниште      

Огнени јазици опустошија дел од селото Чаниште во Мариово. Пламенот зафати неколку придружни простории на куќите. За среќа, нема повредени. Стихијата се заканува да го зафати атарот на селото Крушевица. Бидејќи пожарот е од огромни размери, носен од ветерот, демне опасност да гори подолго, покрај натчовечките напори на екипите на ТППЕ Прилеп, ДЗС, доброволците од друштвото Аргангел од Битола, од Виница и други градови. Огнот се гаснеше и со полициски хеликоптер.

Градоначалникот Дејан Проданоски вели дека се во функција сите расположливи сили и ресурси за ставање на огнот под контрола.

– Дополнително е ангажирана механизација за создавање на заштитни појаси и спречување на понатамошно ширење на пожарот. На дел од теренот состојбата е стабилизирана. Екипите за гаснење продлжуваат на повисоките и непристапни места. Внимание е посветено на заштитата на селото Крушевица, каде е воспоставен заштитен појас на 5 километри. Продолжува борбата со пожарот – вели Проданоски.

– Чаниште нема изгорени куќи во кои постојано се живее, туку се зафатени само стари и напуштени објекти. Напорите даваат резултати. Ублажен е налетот на пламенот со линија од повеќе од 20 километри – рече Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.

Се стравува пожарот да ја премине реката Црна или пак патот кој го сечи Мариово на два дела. Тогаш огнот би бил несопирлив.

Loading