Членови на здружението на планинари Трескавец од Прилеп минаа седум дена во срцето на италијанските Доломити, како дел од повеќедневната планинарска програма, организирана од ПСК Стратус. Според Андреј Стефаноски, базата била Кортина д’ Ампецо, од каде секој нов ден почнувал со нова планина, нова патека и поинакво лице на Доломитите. А тие тешко можат да се опишат само преку фотографии.
Огромните карпести масиви што речиси се издигаат вертикално над зелените долини, високите превои, тесните патеки врежани во карпите и погледите што се отвораат меѓу нив, создаваат свет во кој човек многу лесно се потсетува колку е мал пред природата.
– Се искачивме два врва над 3.000 метри – Тофана ди Розес (3.225 мнв) и Пиз Боè (3.152 мнв). Искачувањето на Пиз Боè беше реализирано преку виа ферата, додека дел од групата кон врвот се движеше и по виа нормале, што овозможи различни пристапи кон истиот планински предизвик. Дел од програмата беше и Нуволау, до кој пристапивме преку виа феррата Ра Гусела, како и еден од најпрепознатливите симболи на Доломитите – Тре Киме ди Лаваредо. Таму нашето движење продолжи по виа ферата Монте Патерно, меѓу карпите и историските премини на овој впечатлив масив – вели Стефаноски.










Ваквиот тип терен не е непознат за членовите на Трескавец.
– Планината постојано потсетува дека искуството никогаш не значи дека нешто треба да се земе здраво за готово. Секоја планина има свој карактер, секоја рута свои специфики, а секој ден свои услови. Доломитите го покажаа токму тоа – кажува Стефаноски.
Седумте дена времето било променливо. Сонцето и отворените хоризонти се заменувале со облаци, магла и дожд.
– Дел од плановите се приспособуваа на условите на теренот. Тоа е составен дел од секое одговорно движење во планина. Покрај карпестите врвови и виа ферата правците, ја запознаеме и помирната страна на Доломитите. Ги посетивме Лаго ди Браиес и Лаго ди Сорапис. Тоа се две езера со различен карактер, сместени меѓу високите доломитски масиви. Меѓу карпите и височините, овие места покажаа уште едно лице на регионот и уште една причина зошто Доломитите оставаат толку силен впечаток кај секој што ќе ги посети – Стефаноски ја доловува планинарската тура.
Кога ќе заврши патувањето, остануваат не само имињата на врвовите, надморските височини или бројот на поминати километри. Остануваат раните утра во Кортина д’ Ампецо и подготовките пред поаѓање. Првите чекори под огромните карпести ѕидови. Часовите минати на патеките и фератите. Моментите кога се застанува без збор, затоа што погледот кажува доволно. Остануваат заморот на крајот од денот, разговорите, смеата и луѓето со кои се споделил патот.
– Тоа е суштината на планинарењето. Планината никогаш не била место што треба да се “освои”. Врвот е само една точка на патот. Поважни се начинот на кој се стигнува, почитта кон природата, безбедното враќање и спомените што ќе ги понесеме дома. Остануваат седум дена минати меѓу камените џинови, во карпите, кога времето и планината го одредуваа ритамот. Останува заедничкото задоволство споделено на патеките, врвовите и сите мали моменти кои на крајот стануваат најголеми спомени.
– ги пренесува Стефаноски импресиите.
Доломитите се многу повеќе од два врва над 3.000 метри и неколку виа феррата правци.
Чекор по чекор. Враќањето од Италија не значи и крај на планинарските активности летово. Следно е традиционалното искачување на Голем Крчин (2341 мнв), организирано од Бигорскиот манастир и манастирот во Рајчица. Настанот е посебен оти ги обединува планината, традицијата, духовноста и планинарското заедништво со учество и на членови на Трескавец. На крајот на август се очекува уште едно патување надвор од Македонија, за Дурмитор во Црна Гора, со планирано искачување на Боботов Кук (2523 мнв). Тоа се две различни планини и две нови можности за собир околу љубовта кон природата и планинарењето. Не е важно колку високо се стигнува, поважно е со кого се споделил патот, доживувањата и спомените.
Екипата на планинари од Трескавец од Прилеп изразува благодарност до ПСК Стратус, кој ја организираше планинарската авантура. Зашто се потребни многу планирање, логистика и одговорност.
![]()

