ДОМОТ НЕ Е МЕСТО, ДОМОТ Е ОНА ШТО ГО НОСИШ СО СЕБЕ

Александра Ацеска, уметник која седум години живее во Кина

– Постарите Кинези танцуваат на плоштад, а Македонците се собираат во кафеани на кафе и политички расправии

– Престанав да јадам и да пијам студени работи откако посетив доктор по традиционална кинеска медицина

– Да се биде уметник кој живее меѓу култури е вистински дар

Прилепчанката Александра Ацеска (1994) е уметник која од 2019г живее и работи во Кина. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а уметничката кариера ја гради низ самостојни и групни изложби во Македонија, Кина и Франција. Работи како наставник по визуелна уметност во меѓународно училиште во Фошан. Неодамна, во родниот град имаше заедничка изложба со нејзиниот татко Илија. Еве, што Александра пренесува за животот и работата во Кина, наспроти овој во Македонија.

Сабота е, 7 часот наутро. Влегувам во лифтот и излегувам надвор. Порано едвај се будев толку рано, но седум години редовен распоред целосно ми го променија биоритамот. Не само што сега се будам лесно, туку искрено уживам во утрата во округот Шунде во градот Фошан.

За среќа, живеам на периферијата, па не е премногу гужва. Го земам мојот електричен велосипед, прв избор на превозно средство скоро за сите тука, и се упатувам кон локалното село веднаш до мојата населба. Планот за утрово е едноставен: да го посетам пазарот за свежа храна и да направам фотографски референци за уметничкиот проект на кој што работам во моментов, за потоа да одам во моето студио крај паркот.

Утрата овде се немилосрдни. Дури и во 7 часот, воздухот е густ од влага и жештина. Ми недостигаат оние свежи, студени летни македонски утра кога ти треба блуза со долги ракави за да не ти е ладно. Но, има поинаков вид убавина овде.

Додека минувам низ портата од населбата, првото нешто што ми го привлекува вниманието се групата на “ayis” (тетките) кои го поставуваат својот огромен звучник и пуштаат кинеска турбо-фолк музика. Танцуваат синхронизирано – вежбаат, се истегнуваат или мавтаат со лепези. Ова е “guangchangwu”  (танцување на плоштад), национален феномен кој го практикуваат милиони постари Кинези секое утро или вечер. Вистинска радост е да се гледаат толку среќни и активни. За разлика од нив, нашите стари во Македонија почесто се собираат во кафеани на кафе и политички расправии, но овде паркот е главната социјална клупа.

Додека продолжувам да возам, сфаќам дека градот навистина никогаш не спие. Утрото е симфонија на активност. Продавачите ги поливаат со вода тротоарите и истоваруваат сандаци свежи личи и високи шеќерни трски, а доставувачите брзаат покрај мене со купишта пакети. Улиците зујат од електрични велосипеди и автомобили, додека пешаците се пробиваат низ хаосот носејќи кеси со намирници. Непогрешливата арома на “dim sam” (кинески закуски карактеристични за Кантон) – парени “har gou” и “sui mai”, парени ролати од ориз и печени свински лепинчиња – доаѓа од секој агол.

‘Ќе земам варени чајни јајца на пат до дома”, си велам во себе и го запирам велосипедот на влезот од пазарот за свежа храна.

Да бидам искрена? Не ми се допаѓа. “Влажниот” пазар (wet market)  ги напаѓа сетилата – метален мирис на свежа риба, земјена арома на каллив зеленчук, врева на продавачи што ги извикуваат цените. Тоа е глетка што не секој може да ја поднесе, а мојот стомак дефинитивно мака мачи. Но, ова е дел од животот овде и е неопходно. Токму овде локалците купуваат храна што е вистински свежа, а не завиткана во пластика и чувана денови во фрижидер.

Секогаш кога ќе почнам да осудувам некои од “гадовите” што ги јадат локалците – влекачи, инсекти, животни што во западниот дел од светот ги чуваат како миленичиња – се потсетувам на историјата. За време на Големиот глад, кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години од минатиот век, луѓето во овој регион биле толку очајни, што се нурнувале во калливите речни корита за да ископаат корени од лотос за да преживеат. Многу од таканаречените „егзотични” локални специјалитети се родени од нужда, а не од новитет. Денес, повеќето луѓе јадат сосема “нормална” храна, додека јас развив сочувство кон тоа од каде доаѓаат тие традиции. Не е многу поинаку од тоа како Македонците се свртеле кон едноставни, срдечни јадења како летен таратур или ајвар и леб во тешки времиња – често неволјата раѓа култура.

Излегувам од пазарот и се качувам на велосипедот. Наместо директно кон студиото, правам мала кривулка до локалното кафуле каде што служат одлични кафе и чај. Но, утрово ми се пие џасмин буба чај ( чај со бисери од тапиока) – топол, како и секогаш.

Престанав да јадам и да пијам студени работи откако посетив доктор по традиционална кинеска медицина (ТЦМ). Искуството беше фасцинантно. Докторот едвај ме допре; само гледајќи го мојот тен и движењата на телото додека влегував низ вратата, ми дијагностицираше склоност кон „влажност” и „студенило” во стомакот. Во филозофијата на традиционалната кинеска медицина, здравјето е рамнотежа – јин и јанг. Секоја храна е лек, секоја навика може да стане проблем ако се прави во погрешно време. Треба да водиш сметка не само за тоа што јадеш, туку и кога спиеш, како вежбаш, па дури и за твојата емотивна состојба.

Доаѓајќи од македонската култура, каде што гордо го славиме уживањето во животот пред строгите здравствени режими, долги кафански ноќи исполнети со скара, бело сирење и ракија – овој холистички пристап на почетокот ми беше чуден. Но, секогаш велам: суди според резултатите. Просечниот животен век на Кинезите е меѓу најдолгите во светот, а нивните стари остануваат извонредно активни. Мора да прават нешто како што треба.

Конечно стигнувам до делот од селото каде што ми е студиото. Оваа област наликува на лиминален простор – како сонлив премин меѓу два света. Куќите се идентични, наредени во уредни редови, и неверојатно лесно е да се изгубиш во тесните улички. За среќа, тука сум веќе доволно долго па загубувањето сега е само дел од авантурата.

Ја отклучувам вратата од студиото и влегувам внатре. Мирисот на туш сè уште е во воздухот од синоќешната работа. Експериментирав со за мене нова, оризова хартија со прекрасни квалитети – неверојатно е тенка, но издржлива, и прекрасно реагира на вода. Дури и пред да дојдам во Кина, ме фасцинираа акварелот и тушот. Но, престојот овде ми отвори сосема нови креативни можности. Техниката на четка, хартијата, филозофијата на “shui mo” (сликање со мастило и вода) кое е цел еден универзум на изразување.

Да се биде уметник кој живее меѓу култури е вистински дар. На спојот на два света, постои простор за откритија, за експерименти и комбинации што инаку не би постоеле. Го ценам животот што го изградив овде.

А сепак, секогаш се чини дека нешто недостасува. Кога сум во Кина, семејството ми е назад во Македонија. Кога сум во Македонија, животот што го изградив е далеку. Претпоставувам дека секој иселеник, секој човек што избира да живее далеку од своите корени, се бори со истото само на различни начини.

Но, можеби токму во тоа е убавината. Домот не е место. Домот е она што го носиш со себе. Како во сеќавања од сон, на македонски народни песни што одекнуваат низ улиците исполнети со кинески турбо фолк и љубов кон два света што никогаш целосно не се среќаваат, но сепак некако коегзистираат во мене. 

Во студиото ќе останам неколку часа, пред да се вратам дома, со нови идеи и инспирации и овдешни и тамошни.

Loading