Кога излезе од подземјето, Димо Каран запре во дворот од дворецот. Кусо ги набљудуваше војниците кои на свој начин ја празнуваа пролетта. На светлината од факли, танцуваа воинствени ора, мавтајќи со копја, удирајќи со сабјите по штитовите, пееја и пиеја од бардиња вино. Тие ритми, што дремат во крвта од секој Македонец, родија во него силна емоција. Тој падна во искушение да влези во орото, но се откажа од таа желба. Се качи на својата бојна кола, влечена од два коњи со горд изглед, и го фати патот за својата утврдена куќа. Сосема блиското село до дворецот го мина со обични чекори на коњите каде средсело ги виде сите селани, собрани околу голем оган како ја слават пролетта. Старите набљудуваа како младите играат ора и пејат. На извесна оддалеченост од селото навлезе во густата темнина од една шума. Уште и очите ги наостри, заради дивите ѕверови што не беше ретко да сесретнат во осамотените места. Одејќи, забележа како се филтрира меѓу дрвјата чудна светлина. Па се упати натаму по еден пат набиен од јагленар и од дрвосечачи. Последниве сечеа дрвја во шумите за продажба во странство, на пример во Државата Атина, што ги употребуваше за градење на бродови. Не му се брзаше за дома. Љубопитството стануваше посилно. Што би можела да биде таа чудна светлина? Некој друг на неговото место можеби ќе минел по патот заради суеверен страв. Како и да е, немаше многу луѓе кои се осмелиле да се изложат на опасност да влезат сами во големата шума ноќе. Патот го доводи низ непроодната шума до голема чистина окапена од прекрасна светлина од месечината, ама Димо размисли. Не, светлината не идеше од месечината, иако личеше на неа. Слезе од бојната кола и тивко отиде до местото каде можеше да ја гледа чистината, окапена во зеленикаво сребро. Недалеку од местото каде беше заскриен, догледа дваесетина млади жени една од друга поубави. Неколку лесни бојни коли стационираа групирани. Меѓу нив имаше и тешки бојни коли, очигледно поголеми и за чие движење се употребуваа не два, туку три коњи. Животните, отпрегнати, слободно шетаа околу. Една од младите жени, на непознат за Димо Каран мелодичен јазик, им зборуваше на своите другарки. Тој не знаеше дека младата жена е самовилата Темјануга која, на јазикот од бессмртните, тукушто ќе го завршеше својот извештај од собирот кај богот Сонце.
![]()

