Теона Крстеска, студентка на ФДУ
Младата Теона Крстеска, студентка на трета година на ФДУ Скопје, својата прва професионална улога ја имаше во претставата „Ловецот на ‘ ржта”, во режија на Мартин Кочовски, на театарот „Војдан Чернодрински”, при што го покажа својот талент, кој во следните години ќе се надоградува. Тоа беше поводот за разговор со Теона.
Иако сеуште студентка, застанавте на сцената на театарот „Војдан Чернодрински” во претставата „Ловецот во ‘ржта”. Што значеше за Вас овој ангажман?
За секој студент првата професионална претстава во кариерата има посебно место. Се радувам што кај мене тоа место го зеде токму „ Ловецот во ‘ржта” во режија на Мартин Кочовски. Се радувам што не е посебно само затоа што е прво, туку затоа што имав можност да работам со режисер, чија работа многу ја вреднувам и почитувам, и да работам тема која лично многу ме засега и е од суштинско значење за нашето постоење. Најпосебно место ја има екипата со која работев. Им благодарам што ме поттикнаа да растам и напредувам, и направија да се чувствувам како дома. Процесот значеше многу, затоа што направив многу нешта за кои мислев дека никогаш не би можела да ги направам и од него понесов многу важни работи, како за професијата, така и за животот.
Играш улога на млада девојка ( дете). Колку беше предизвик за тебе улогата?
Иако секогаш е меч со две острици да се игра дете, во мојот случај Фиби, која има само 10 години, беше предизвик. Процесот на создавање на ликот ми беше многу забавен и одеше лесно. Најголемата замка кога се игра дете е тоа да тргнеш од наивноста. Често забораваме дека децата се доживуваат себе си и своите размислувања многу сериозно, а во очите на возрасните тоа изгледа наивно. Затоа од почеток знаев дека не смеам да паднам во таа замка. Ја сватив Фиби и сите нејзини ставови, многу сериозно, а публиката беше родителот кој можеби ја доживува наивно. Најважно од сѐ е дека многу се забавував додека го градев ликот и уживав во играњето.

Што значи за млад студент учество во професионална претстава и соработка со повозрасните актери и режисерот?
Многу различно е од тоа што се случува на факултет. Прво затоа што влегуваш во нова средина која не е веќе педагошка, туку професионален театар. Веќе не е тука класата со која сте заедно деноноќно како една фамилија, туку сосема нови актери со кои треба да соработуваш и да градиш хемија од нула, и се разбира на местото од професорот сега стои режисер. Во сите овие нови околности многу брзо се прилагодив и почнав да соработувам. Како што спомнав и претходно многу сум благодарна за екипата и режисерот, кои навистина ме прифатија како своја. За прв пат се сретнав со сценограф, костимограф, светло мајстор, тонец, техника, сценски работници, гардероберки кои на академија ги немаме, односно ние студентите го правиме сето тоа сами. И сфатив дека е многу важно, што порано, секој студент да добие прилика да игра во професионална претстава, за да се запознае со сите нешта кои го чекаат во иднина.
Што беше поттикот да се запишеш на ФДУ?
Многу од моите колеги го имаат одговорот дека желбата им е од многу мала возраст и цел живот знаеле дека сакаат да бидат актери, што не е мојот случај. Љубовта кај мене се појави подоцна, во средно училиште. Интензивно го посетував театарот и некако неосетно ми влезе под кожа. Веројатно не можам точно да опишам, исто како што не можеш да кажеш што е љубов или зошто сакаш некој. Само знаев дека го сакам тоа кога од обично одење во театар, чувството се претвори како одење во свет храм. Убаво е кога чувствуваш дека навистина припаѓаш некаде, кога нема ниедно такво друго место на светот. Мислам дека тоа ми беше поттикот. Едноставно бев сигурна дека моето место е таму.
Што за Теона значи театарот?
Ова е едно од тие прашања кои можат да се одговорат со еден збор или со еден роман. Убаво би било кога театарот би нѐ научил како да живееме, ама тогаш би престанал да постои. За мене е свест, место каде се поставуваат прашања, место каде сме без маски, иако под маски, реални, брутално искрени. Место од кое откако ќе си заминеме не можеме да спиеме, кое едноставно не држи будни. Во мене има океан по повод ова прашање, а јас мислам дека не можам да доловам ни бран. Ама во тоа што сум сигурна е дека театарот може да нѐ направи подобри луѓе.
![]()

