Д–р Катерина Чешлароска Маркушоска, супспецијалист ендокринолог
Во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, може да се извршат ендокринолошки прегледи закажи преку системот Мој Термин. Од 2023 година отворен е новиот кабинет. Какво е вашето досегашно искуство како супспецијалист – ендокринолог?
– Започнувањето со работа на ендокринолошката амбуланта овозможи пациентите од Прилеп и регионот кои имаат потреба од ендокринолошки преглед тоа да го остварат во нашата здравствена установа и да не патуваат до други центри. Во 2025 година само во ендокринолошката амбуланта се направени околку 1200 прегледи и 650 ултразвучни прегледи на тироидната жлезда.

Кои услуги се нудат за ендокринолошки прегледи?
Во ендокринолошката амбуланта се прават прегледи за болести на тироидната жлезда, хипофиза, надбубрежните жлезди, болести на паратироидните жлезди и остеопороза, болести поврзани со женскиот и машкиот репродуктивен систем и метаболички нарушувања. Прегледите на пациентите со предијабетес и дијабетес се вршат во центарот за дијабетес, додека пациентите со зголемна телесна тежина се прегледуваат во центарот за менаџирање на дебелината.
Кои дијагностички процедури се користат?
Од дијагностичките процедури најчесто се прават лабораторсики анализи (хормонален статус, гликемија, липиден статус, ХбА1ц, орален гликоза толеранс тест и други), ултразвучен преглед на тироидната жлезда. По потреба пациентите се упатуваат и на други дијагностички процедури.
Каква е состојбата, кои се најчестите дијагнози, возраст, пол?
Најчести се заболувањата на тироидната жлезда и дијабетес тип 2. Болестите на тироидната жлезда се почести кај пациенти од женски пол, додека дијабетесот е застапен и кај двата пола. Што се однесува до возраста во нашата амбуланта се прават прегледи кај пациенти над 14 години и се застапени сите возрасни групи.
Совети и препорака, поддршка, консултации и следење од страна на специјалист ендокринолог?
Пациентите најпрвин се прегледуваат кај матичните лекари каде се прават првичните иследувања и проценка кои пациенти ќе бидат упатени за супспецијалистички преглед. Кај пациентите кои ќе се јават за преглед се спроведуваат дијагностички процедури, се препорачува соодветен третман, едукација и понатамошно следење.
Колку Прилеп е ендемски за болестите на тироидната жлезда?
Болестите на тироидната жлезда се доста застапени на нашето поднебје, особено хипотироидизмот (намалена функција на тироидната жлезда) и тоа почесто кај женскиот пол.
Центар за менаџирање на дебелината, прв и единствен во регионот
Во објектот на Здравствениот дом во Прилеп, отворен е Центар за менаџирање на дебелината, прв и единствен во регионот. Какви се искуствата од работењето и за кого е наменет?
Центарот за менаџирање на дебелината функционира неколку месеци. Во него се упатуваат пациенти со закажан термин од матичен лекар и тоа пациенти со зголемена телесна тежина кои имаат индекс на телесна маса (БМИ) поголем или еднаков на 30. Во центарот се прави преглед, мерење на телесна тежина и висина, анализа на телесниот состав со ИнБодѕ скен, лабораториски анализи, едукација за исхрана и физичка активност и препорака на соодветен третман.
Научните трудови се користат во практичната работа.
Автор сте на трудот Приказ на случај на пациентка со микседем, пласиран на Симпозиум на млади ендокринолози.
Научните трудови произлегуваат од секојдневната работа. Подготовката и нивната презентација на научните собири, дава можност за размена на искуства и проширување на знаењата во областа, кои понатаму се користат во практичната работа.
![]()

