Прилепската рок група Д Хаундс прослави 18 години
– 18 години рокенрол, концерти, дружење и моменти што ќе ги паметиме засекогаш.
– Сонот трае и го живееме – благодарение на публиката

Со традиционалниот годишен концерт, во центарот на градот, во чаршијата, пред клубот „Калинка”, прилепскиот панк – рок бенд „Хаундс” прослави 18 години постоење. Направија настан за паметење, кој со текот на годините прерасна во културен белег на градот кој се одржува на отворено, во средината на август. Членовите на бендот со концертот кој му го подарија на Прилеп испишаа полнолетсво, успешна приказна што продолжува и разменија енергија.
Настапот пред прилепската публика, без разлика дали е на фестивали или градски манифестации, им е посебно драг. Уште повеќе, што токму енергијата која ја почувствувале од своите обожуватели пред години, била причина и за традиционалото органзирање на годишниот концерт во срцето на градот кој се претвори во традиција.

– Имаме љубов кон секоја публика. Без разлика дали е свирка во клуб, концерт или промоција. Но, дефинитивно најдраг настан за нас е годишниот роденденски концерт. Се случи спонтано. После еден наш пост на социјалните мрежи каде што објавивме дека славиме 2 или 3 години постоење, нашата публика на вечерниот настап, во тогашен Вирус ни донесе роденденска торта. Имаше некоја голема љубов и силна енергија таа вечер, и одлучивме во тој период од годината, средина на август секогаш во среда да славиме на тој начин – вели Златко Карчески, вокал и бас гитара во Д Хаундс.

Нивната музичка приказна ја прават бројните настапи и средби со публиката. Признаваат и се сеќаваат дека првата година откако го создале бендот, имале само еден настап.
– Имавме само еден настап првата година, никој не не викна уште еднаш. Но, апсолутно не се обесхрабривме, иако не свиревме по клубови и фестивали, – правевме проби секој ден, без исклучок – објаснуваат од бендот.
Нема место во Македонија каде немаат свирено. Велат дека расте и се менува и сцената, но и публиката. Но, гори желбата и жарот за рокенролот во нив.
– Нашите текстови се со социјална тематика, но ако пред 15 години сме “бркале” публика, сега пристапот ни е поинаков. Сега кажуваме тоа што сакаме да го кажеме. Добро е ако песните ги сакаат сите, но мора прво нам да ни се допаднат. Го сакаме животот и музиката. Преблагодарни сме на публиката што ни дозволува сонот да трае – велат од бендот.
До крајот на годината имаат закажани настапи, а работат и на посебен проект кој што ќе го откријат наскоро. Уверуваат дека следи плодна творечка иднина.
Соработувале со голем број колеги и гости.
ИСТ СОСТАВ – ОД СТАРТОТ ДО ДЕНЕС
Од основањето на групата, составот е непроменет. Бендот се развивал на музички план, но заедничката енергија останала со години, како “братска љубов” меѓу четворицата, од кои двајца, навистина се браќа.
Членови на познатиот прилепски рок – бенд се: Златко Карчески – вокал и бас гитара, Крсте Карчески и Јане Петкоски – гитара и придружни вокали и Илија Мирчески – тапани.
2 000 НАСТАПИ
Во изминатите речиси две децении зад себе имаат над 2000 настапи, два студиски албуми, неколку синглови, континуирана работа на нови проекти и материјали. Премногу неиздадени демо снимки.
Гостин маестро Дамјан Пејчиноски
На сцената, не беа сами. Традиционално им се придружија нивни колеги, уметници. За 18ти роденден, како гостин го имаа најдоброто од Македонија, виртуозот и омилен гитарист, маестро Дамјан Пејчиноски.

Славеа со многу гости, музичари, артисти и изненадувања.
![]()

