25 години од Карпалак
“Постојат датуми кои времето не може да ги избрише. Настани кои не стареат, затоа што се врежани во колективната меморија на еден народ. И постојат имиња кои не се изговараат само со почит, туку и со чувство на вечен долг”.
Ова го изјави градоначалникот Дејан Проданоски на 25 годишнината од трагичниот настан кај Карпалак кога Македонија и Прилеп загубија 10 храбри бранители, десет свои синови. Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски.










Проданоски рече дека нивните имиња се врежани во совеста на Македонија.
– Во нивните животи беа испишани соништа, семејства, надежи и планови. Но, кога татковината ги повика, не се колебаа. Не прашаа што ќе добијат, што ќе загубат. Знаеја дека Македонија мора да се брани. Затоа нивната жртва е темел на нашата одговорност, а Карпалак останува болно сведоштво за цената на слободата. Македонија секогаш имала подготвени луѓе да ја стават татковината пред себе. Затоа ја покажуваме нашата благодарност и неизбледнет спомен – рече Проданоски.
Македонија се гради со паметење и со почит, зашто народ кој ги почитува своите херои има иднина и корен. Да им се раскаже на младите генерации зошто нивните имиња заслужуваат да се изговараат со гордост.
– 25 години подоцна, нашата најголема почит не се само положените венци, туку каква Македонија оставаме. Да биде држава во која ќе владеат мирот, правдата, достоинството и меѓусебната почит и држава која знае да ги почитува своите херои – рече градоначалникот Дејан Проданоски.
![]()

