Ретимно
Ретимно е на северниот дел од островот Крит. Прекрасно место кое плени со стариот дел, со долгите песочни плажи и богатата историја. Сместен меѓу градовите Ираклион и Ханиа, нуди интересен спој на венецијанска архитектура, стари куќи, тесни улици, продавници. Градската плажа е долга во продолжение на шеталиштето во центарот на градот. Превели плажата е со палми. Покрај тече река која се влева во мроето. Градот е пожелно да се истражува кога не е многу жешко или пак во вечерните часови.

Најубавиот поглед има од големата венецијанска тврдина од 16 век. Таа доминира, а долу пречекува венецијанското пристаниште. Тоа е романтично место со светилки и бројни таверни и ресторани.

На едниот крај, кај заливот е светилникот. Гордо се издига и ги чува бродовите да не заскитаат во островското копно. Изграден е од Египчаните, по кусата окупација. Оттука е открива фасцинантен поглед. Со прошетка во стариот дел, низ тесните улички, се оминува крај бројните продавници и сувенирници, кафулиња, таверни. Од сите страни се слуша музика, ароматизирана со вкусовите на грчката кујна и морските специјалитети.

Се забележуваат камени капии, влезови, палати, византиски градби… Низ внатрешноста, каде не допираат готварските мајстории, се чувствува мирисот на зокумите во најразлични бои. Декор се на секоја тесна уличка. На центарот на стариот дел е фонтаната Римонада од 17 век. Изградена е од антички еленски столбови, а ја красат венецијански лавови. Тоа е место за средби, за дружење.. Атмосферата е многу жива и типично грчка.
Во Ретимно се кренати две џамии. Најавтентична е Нераца, изградена на местото на православна црква со минаре од 19 век. Зачувана е и осветлена во вечерните часови. Привлекува внимание. Просторот е организиран за концерти, поради одличната акустика. Во современиот дел, нужно е да се најде време за посета на Археолошкиот и Музејот на фолклорот.
На крајот најдобрар одмор се прави во некој од рестораните, таверните, крај пристаништето. Се слуша музика и се густираа критски специјалитети – риба, лосос, лигни, традиционално јагнешко…
Фото и текст: Каролина Мицевска
![]()

