На 14 и 15 август, Прилеп ќе се смее во ритамот на традицијата, музиката народната мисла и сатира. Фестивалот „Итар Пејо” ќе донесе богата културна програма со учество на фолклорни ансамбли од Полска и Словачка, како и културно – уметнички друштва од повеќе градови во Македонија. Ќе има денови исполнети со смеа, музика, ора, дружење и средби. Фестивалот „Итар Пејо” ќе биде нова меѓународна културна приказна со која ќе се слави традицијата што поврзува земји, повеќе ансамбли на една сцена.
Фестивалот „Итар Пејо” е организиран од Културно – уметничкото друштво „Мирче Ацев”, под покровителство на Општина Прилеп и НУ Центар за култура „Марко Цепенков”.

– Фестивалот е замислен како средба на различни култури и генерации, на која преку музиката, танцот, хуморот и народната мисла ќе биде прикажано богатството на европското и македонското културно наследство. Прилепската публика ќе има можност на едно место да ги види препознатливите традиции на трите земји и да ужива во настапи исполнети со енергија, автентичност и колорит – објаснуваат организаторите.
Реализацијата на фестивалот е поддржана и од бројни општествено одговорни компании и спонзори.
Меѓународни гости во срцето на Прилеп
Специјални гости на фестивалот ќе бидат културно – уметнички ансамбли од Полска и Словачка. Тие ќе се претстават со традиционални танци, музика и народни носии карактеристични за нивните земји.
– Нивното гостување е можност прилепската публика одблизу да запознае нови култури, но и можност младите играорци од различни земји да се дружат, да разменуваат искуства и да создадат пријателства што ги надминуваат границите – велат организаторите.
На фестивалската сцена ќе настапат и македонски културно – уметнички друштва, кои ќе го претстават богатството на македонскиот фолклор преку ора, песни и носии од различни краишта на земјата. Со нивните настапи, публиката ќе може да ја почувствува разновидноста на македонската традиција и нејзината вредност како дел од нашиот национален идентитет.
Дефиле, настапи и активности за најмладите
Фестивалската програма нема да биде ограничена само на сценските настапи. Во текот на престојот, гостите ќе имаат можност да го запознаат Прилеп, неговите знаменитости, историјата и гостопримството на прилепчани.
– Внимание ќе им биде посветено и на најмладите. Предвидена е детска работилница на Могилата на непобедените, со креативни и забавни активности, а во програмата ќе бидат вклучени и гости од странските ансамбли. Еден од највпечатливите моменти ќе биде фестивалското дефиле низ градот. Учесниците, облечени во традиционални народни носии, ќе ги исполнат прилепските улици со музика, игра и позитивна енергија, создавајќи вистински празник за граѓаните и посетителите – велат организаторите.
Главниот настан ќе биде заедничкиот настан во НУЦК „Марко Цепенков”, на кој ќе се претстават ансамблите од Полска, Словачка и Македонија.
Ликот и духот на Прилеп
Името на фестивалот е инспирирано од Итар Пејо кој е еден од најпрепознатливите ликови во македонското народно творештво и симбол на прилепската итрост и мудрост, снаодливост и ведар дух. Токму затоа фестивалот носи автентичен локален белег и ја поврзува фолклорната традиција со приказните по кои прилепскиот регион е препознатлив.
Покрај културно – забавниот карактер, „Итар Пејо” има и мисија да ја приближи традицијата до младите, да ја поттикне меѓународната културна соработка и да покаже дека фолклорот не е само сеќавање на минатото, туку живо наследство што продолжува да се развива и да ги поврзува луѓето.
![]()

