Дома за еден ден по лапароскопската операција на препонска кила

В болница

Помала постоперативна болка, пократок болнички престој и побрзо закрепнување се постигнува со лапароскопската операција на препонската кила која метода успешно почна да се применува на хируршкото одделение в болница. После интервенцијата, пациентот следниот ден си оди дома.

Современите лапароскопски инструменти беа обезбедени преку донација од Витаминка, додека директорот на болницата, д-р Кире Јоноски, обезбеди потрошен материјал и услови техниката веднаш да стане достапна за пациентите.

– Лапароскопска операција на ингвинална хернија со ТАПП техника е современа минимално инвазивна метода. Со оваа техника, пациентите од Прилеп и регионот добиваат пристап до современ хируршки третман во матичната болница, без потреба дапатуваат во други центри. Ова не е само прва успешно изведена интервенција, туку конкретен чекор кон посовремена и подостапна хирургија во Прилеп. Продолжуваме да воведуваме современи методи на лекување во интерес на пациентите. Процесот бара обуки, подготовка и нова опрема. Подготвени сме да одговориме на потребите на граѓаните – вели д-р Кире Јоноски, директорот на болницата.

Станува збор за лапароскопска ТАПП (Трансабдоминал Преперитонеал) техника, при која преку три мали отвори се поставува специјална мрежа зад перитонеумот, со што се намалува ризикот од повторна појава на килата.

Операцијата првпат во прилепската болница ја изведе д-р Златко Јаков, кој лани се врати од Германија. Истакна дека минимално инвазивната хирургија е светски стандард, бидејќи овозможува помала болка, побрзо закрепнување и пократка хоспитализација.

– Првата операција беше изведена кај 64-годишен пациент. Тој следниот ден беше пуштен на домашно лекување. Техниката е врвна. Се работи минимално инвазивно, низ три мали отвори со минимална траума. Се внесува поголема мрежа, се осигуруваат повеќе отвори на можни појави на други такви кили. Практично, пациентот, ако го следи нашиот совет и во првиот период се држи до препораките, може да очекува комплетно квалитетен живот без никакви задршки во физичките активности – вели Јаков, доктор по општа хирургија.

Специјалистот по хирургија, д-р Гордана Љушиќ, вели дека болницата уште пред две децении била меѓу пионерите во воведувањето на лапароскопските интервенции во земјата.

Над 120.000 осигуреници од четирите општини ги користат услугите на болницата. Хируршкото одделение претставува регионален центар за ургентна патологија и оператива. Одделението располага со 7 специјалисти, 5 специјализанти, како и тројца уролози, двајца специјализанти и еден лекар секундарец.  Располага со 29 кревети. Се планира одделението дае стигне до минимално инвазивни операции на тумори, кои се последниот збор во хирургијата.

ТИМ ОД ВРВНИ ЛЕКАРИ

Иницијативата ја покрена д-р Златко Јаков. Тој воспостави соработка со Витаминка. Го предводеше воведувањето на методата во хируршкото одделение. Операцијата беше реализирана со ангажман на целиот оперативен тим: хирурзите д-р Златко Јаков, д-р Димитар Иваноски, анестезиолози – д-р Маргарита Пирганоска, операциони сестри и останатиот медицински персонал.

ИГЛЕНИ БИОПСИИ

Седум хирурзи, пет специјализанти и тројца уролози, со набавката на новата апаратура работат бројни операции и дијагностички методи.

– Ги работиме сите видови кили, жолчки, значи лапароскопска и класична техника. Изведуваме и карцином на дојка, оперираме бенигни и малигни болести на дојка. Пациентите да знаат дека се изведуваат и иглени биопсии. Не мора да патуваат во другите градови. Ги изработуваме тука – рече д-р Димитар Иваноски, началник на хируршкото одделение.

Loading